Клубот „Титус Флавиус Орестес“ од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од 17.9. до 19.9.2021 година учествуваше на Pre moot court натпреварот за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права, кој традиционално веќе четврта година се одржува во Ниш, во организација на тамошниот Правен факултет.
Студентките од клубот „Титус Флавиус Орестес“ извојуваа убедливи победи во групата Б против клубот „Онора“ од Правниот факултет во Ниш, односно 29 – 16 кога ја имаа улогата на апликанти, а 28 – 17 во улога на респонденти. Со двете победи, студентките се пласираа во големото финале.
Во големото финале, клубот „Титус Флавиус Орестес“ се натпреваруваше со колегите од Правниот факултет во Зеница (Клуб „Горгија“). Студентите од Правниот факултет во Зеница го освоија првото место со вкупен резултат од 78 – 72, односно по натпревари клубот „Титус Флавиус Орестес“ го загуби мечот кога беше во улога на респондент (30 – 45), додека победи во мечот кога беше во улога на апликант (42-33). За најдобар говорник на турнирот беше прогласена студентката Ангела Бошевска од Правниот факултет при УКЛО.
Оваа година како натпреварувачи во клубот „Титус Флавиус Орестес“ беа студентките: Ангела Бошевска, Ана Џима и Наташа Присаѓанец (во улога на апликанти) и Наталија Атанасовска, Викторија Митевска и Радмила Јовановска (во улога на респонденти). Студентките работеја под менторство на вон. проф. д-р Ангелина Станојоска и вон. проф. д-р Мирјана Ристовска.
Правниот факултет при УКЛО – Битола, на ваков начин, секоја година, преку учество на регионални натпревари за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права им овозможува на своите студенти практично да се запознаат Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, како и со работата на Европскиот суд за човекови права и механизмот за заштита на истите.
(Комерцијална објава)