Училишните предмети се менуваат и надополнуваат скоро со секоја генерација на новите ученици. И додека некои го менуваат само своето име и наставната програма, други целосно изумираат, па денес често на нив се сеќаваме со доза на носталгија.
Ова се некои од предметите кои порано ги имаше во училиштата, а за кои денес децата воопшто не знаат.
Краснопис
Да, постоеше посебен предмет за внимателно, прецизно и убаво пишување. Денес овој предмет го нема и не се обрнува толку внимание на техниките и изгледот на пишување со оглед на тоа што децата се повешти на тастатура отколку со моливот во рака.
Запознавање со природата и општеството
Станува збор за предметот кој денес се нарекува „Природни науки“ кој доживеа многу трансформации, а кој треба да ги подготви децата за подоцнежно учење за социјалните и природните науки.
Домаќинство
Овој предмет го имаше од петто до седмо одделение, а учениците учеа голем број вештини - од шиење со игла, уредување на домот па се' до кулинарски вештини.
Руски јазик
Во 60-тите и 70-тите години на минатиот век овој предмет бил задолжителен во училиштата како што денес е англискиот. Денес децата во основно училиште учат англиски уште од прво, а подоцна имаат и уште еден странски јазик.
Општонародна одбрана и самозаштита
Под мотото „Непријателот никогаш не спие“ овој предмет ги подучуваше учениците многу важни работи - ставање на гас маска на лицето, третман на рани, подготовка на експлозив, фрлање бомба, животот на ЈНА војниците, а на крајот и пукање од вистинска пушка.