Виктор Ефтимов
„Да, тоа сум јас. Осамено битие кое нема кому да му ги пренесе лекциите на кои потроши пола животен век само за да ги научи. Немам ни кому да му се обратам, ни начин како да го направам тоа, освен вам преку овие зборови“.
Автор на овие зборови е
Виктор Ефтимов, кој победи на натпреварот за колумнисти што го организира Факултети.мк во изминатите три месеци. Во своевидниот натпревар учествуваа и Наталија Тасевска, Лилјана Пецова-Илиеска, Марија Грубор и Викторија Митевска.
Секој автор донесе свој стил и специфичен начин на изразување, а одлуката за победникот не беше едноставна. Како што најавивме на почетокот од натпреварот, Факултети.мк ќе објави книга во која ќе бидат отпечатени текстови од колумнистите што учествуваа во натпреварот. На победникот Виктор Ефтимов ќе му финансираме печатење на негово ново дело на македонски и на англиски јазик, кое ќе го промовираме на домашната и на меѓународната сцена.
Виктор Ефтимов, 21-годишниот студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ), уште на почетокот се издвојуваше со изградениот стил.
- Тој испраќаше кратки текстови, секогаш со силна поента. Тоа ретко им поаѓа од рака и на искусни и признаени писатели. Во изминатите 12 недели се осврна на морални дилеми, секојдневни теми, филозофски прашања, космополитски размислувања. Иако е млад, веќе има изграден писателски стил – се дел од заклучоците на тимот на Факултети.мк.
Не беше лесно да се следи темпото и да се пишува колумна секоја недела во текот на зададените три месеци. Во меѓувреме, тука беа и секојдневните обврски, студиите, учеството на Државниот универзитетски натпревар во шах.
Виктор уште на почетокот велеше дека пишувањето колумни не го доживува како натпревар, туку повеќе како поттик барем еднаш неделно да седне и да напише нешто. На прашањето дали имаше проблеми со инспирацијата, тој вели:
- Се разбира дека имав. Секоја колумна ја пишував последниот ден пред рокот за испраќање. Не затоа што имав премногу обврски, туку затоа што не ми текнуваше за што би можел да пишувам, а да биде интересно за читање. Дури имаше и период кога размислував да се откажам. И навистина ми е мило што истрајав докрај. Најголем предизвик ми беше изборот на теми за колумните и начинот на кој ќе ги напишам бидејќи првпат пишував колумни и сè уште немав изградено свој „колумнистички стил на пишување“ – вели Виктор.
Прочитајте ги сите колумни на ВИКТОР на овој
линк