X
 15.12.2017 Наука

НАСА со неверојатно откритие - постои сончев систем како нашиот

наса

Вчера НАСА го објави најновото откритие користејќи ја вселенската опсерваторија „Кеплер“. Имено, НАСА пронашла осма планета како кружи околу далечна ѕвезда, уште еднаш докажувајќи дека нашиот Сончев Систем не е единствениот од тој вид во вселената.

На прес-конференцијата присуствуваа и директорот на одделот за астрофизика на НАСА, Пол Херц, и научниот соработник на проектот „Кеплер“, Џеси Доцсон.

Планетата „Кеплер-90и“ била пронајдена во сончевиот систем „Кеплер-90“. Во официјалното соопштение НАСА го опиша овој свет како место кое би било непогодно за животот каков што го знаеме, наведувајќи го како „сјајна, жешка, карпеста планета што орбитира околу ѕвездата еднаш на секои 14,4 дена“.

Астрономот Вандербург го опишал системот како „мини-верзија на нашиот Сончев Систем“, додавајќи дека поголемиот дел од малите планети се блиску до ѕвездата и дека поголемите светови се турнати кон надворешните граници.

На прес-конференцијата вселенската агенција нагласи дека наодот бил направен само поради техниките за длабоко учење развиени од „Гугл“.

Потребно е многу време и напор за научниците да ги разгледаат сите податоци што ги собира „Кеплер“. Употребата на машинското учење за оваа работа значи дека за брзо време се направени откритија, така што луѓето ќе можат да посветат време на проекти што едноставно не можат да се автоматизираат.

Уште од првичното лансирање во март 2009 година „Кеплер“ собрал голем број податоци, а тимот истакна дека овој најнов напредок е само почеток. Со оваа примена на нова технологија се очекуваат многу слични наоди.

„Како што очекувавме, постојат возбудливи откритија во нашите архивирани Кеплер-податоци - тие ја чекаат вистинската алатка или технологијата да ги открие. Овој наод покажува дека нашите податоци ќе бидат богатство достапно за иновативните истражувачи во годините што доаѓаат“, вели Херц.

Кеплер“ досега има доставено голем број информации за далечните планети и егзопланетите. Иако допрва треба да се пронајдат конкретни докази дека овие светови се погодни за живот, научниците се поблиску до тоа откритие благодарение на ова вселенско летало.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука