X
 17.12.2017 Култура

„Оксфорд“ го избра зборот за 2017 година


Речник
(Фото: Pixabay)


Речниците на „Оксфорд“ деновиве го избраа зборот за 2017 година, а тоа е youthquake, или „младотрес“, кој означува „значајна културна, политичка или општествена промена која произлегува од дејствувањето и од влијанието на младите“.

Лексикографите на „Оксфорд“ велат дека употребата на овој збор е петкратно зголемена во периодот помеѓу 2016 и 2017 година, со процената дека со прогласувањето на овој поим за збор на годината ѝ се признава моќта на милениумската генерација.

Овој збор пред речиси 50 години го смислила тогашната уредничка на списанието „Вог“, Дајана Вриленд, а се користел за опишување појави, меѓу кои бил и порастот на поддршката на младите за Лабуристичката партија и во изборот на лидерот на возраст од триесетина години во Франција и во Нов Зеланд.

Инаку, „Оксфорд јуниверзити прес“ (Oxford University Press) секоја година ги следи промените во англискиот јазик и избира збор кој го одразува расположението што ја обележало годината.

Претседателот на речниците на „Оксфорд“, Каспер Гратвол, изјавил дека зборот „младотрес“ допрва треба да се зацврсти на американската почва, но цврсти докази во Британија покажуваат дека овој збор зема замав.

„Во зборот ’младотрес‘ пронаоѓаме извесна надеж и моќ за промена, а попатно е и забавен во лингвистичка смисла“, објаснува консултантот на речниците на „Оксфорд“, Сјузи Дент, заклучувајќи дека овој збор е „вистинска нота за завршување на една тешка година полна со поделби“.

Минатата година ја обележа зборот „поствистина“ (post-truth). 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура