На изложбата под наслов „Империи на верата, Уметноста и појавата на светските религии“ ќе бидат претставени оригинали, дел од колекциите на Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје и на Музејот „Теракота“ во Виница. Изложбата во Обединетото Кралство за пошироката јавност ќе биде отворена задутре и ќе трае до 18 февруари
Музејот „Ешмолијан“ подготвен за изложбата
Девет ранохристијански теракотни икони од 5 и 6 век, пронајдени на Виничко кале, ќе бидат дел од светската изложба што утревечер ќе биде отворена во Музејот „Eшмолијан“ на Универзитетот во Оксфорд. На изложбата под наслов „Империи на верата, Уметноста и појавата на светските религии“ ќе бидат претставени оригинали, дел од колекциите на Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје и на Музејот „Теракота“ во Виница. Изложбата во Обединетото Кралство за пошироката јавност ќе биде отворена задутре и ќе трае до 18 февруари.
Исус Навин и Калеб, една од иконите што ќе бидат изложени
- Како уникатен споменичен вид, оваа збирка е од исклучително значење за македонското, но и за светското културно наследство. Виничките икони многупати биле претставувани во многу музеи во светот. Откриени во раните 80-ти години на минатиот век, при археолошките ископувања на локалитетот Кале, Виница, релјефните плочи биле предмет на многу проучувања. Истражувачите ги идентификуваа во нивниот полн дијапазон и од сите верски, историски и културни аспекти, со оглед на специфичната формулација на нивниот иконографски и верски концепт. Токму овие аспекти ги прават Виничките релјефи уникатни и од светско значење – велат од Археолошкиот музеј.
Сè е подготвено
Комесар на изложбата е Љубинка Џидрова, кустос советник во Археолошкиот музеј. Во Англија отпатува и директорот на Музејот, археологот Горан Санев. Обајцата ќе присуствуваат на свеченото отворање на изложбата.
- Сè е подготвено и во најдобар ред – вели Санев за Факултети.мк.
Од Музеjот велат дека нашето учество на оваа светска изложба, според нејзиниот споменичен, уметнички, верски и интелектуален потенцијал, е значаен придонес за афирмацијата на македонското културно наследство. Особено поради фактот што тие ќе бидат претставени во најстариот универзитетски музеј на светот – Музејот „Eшмолијан“ во Оксфорд.
Како се подготвуваше големата изложба во „Ешмолијан“
Виничките теракотни икони се единствени од тој вид во светот. На квадратни и правоаголни керамички плочи се претставени старозаветни сцени, илустрирани псалми, христолошки теми, претстави со ликови на светители. Слични експонати се пронајдени близу Александрија, Египет, но со многу поинаква иконографија.
Како биле откриени?
Керамичките плочи во Виница првпат биле откриени во 60-тите години кога
археолозите почнале да го рекогносцираат теренот во Виничко. Додека мештаните ја обработувале земјата на дел од зарамнетото плато, откриле две идентични керамички плочи со релјефна претстава на св. Архангел Михаил. Местото станало цел на диви копачи, кои во тоа време наишле на сакрален објект - мала црква.
Локалитетот Виничко Кале
На интернет-страницата на Музејот „Теракота“ е раскажана приказната. „Тогаш надлежните извршиле увид во теренот и откриле уште неколку фрагменти. Заштитните археолошки ископувања почнале во 1985 година кога се откриени 26 цели икони и стотина фрагментирани керамички релјефи“.
Теракотните икони се глинени плочи, моделирани со помош на калап. Со него, на предната страна се изведени релјефите со одредена иконографска содржина, во повеќе примероци. На дел од нив, на задната страна има остатоци од малтер. Видливи се отпечатоци од камената подлога на која биле аплицирани релјефите. Веројатно биле наменети да ги украсат ѕидовите на една или повеќе градби на Калето.
Влезот на редакцијата на „Факултети.мк“ со реплика од Виничка икона
Сè уште е мистерија нивната точна функција и местото каде што биле изработени. Факт е дека биле локален производ. Тоа го покажуваат извршените физичко-хемиски анализи, преку кои е утврдено потеклото на глината што била користена при изработката.
Постојат две теории за местото каде што биле пронајдени. Д-р Коста Балабанов смета дека плочите биле донесени на Калето кога веќе не биле употребувани, па биле однесени на депонија за керамика. Проф. д-р Елизабета Димитрова, пак, поаѓа од квалитетот и прецизноста на изработката на плочите. Таа смета дека откриените плочи се оштетени примероци кои биле таложени на овој простор оти биле несоодветни да ја вршат функцијата за која биле наменети.
Виничко кале во доцноантичкиот период
Во доцноантичкиот период Виничкото кале било постојано место на судир и мешање на идеолошките, политичките и културните текови во Римското Царство. Резултат на тоа било постојаното вкрстување и асимилација на стилско-ликовните влијанија од различни подрачја на Истокот и Западот и создавање специфичен локален стилски израз.
- За да ја одреди стилската припадност на виничките теракоти и нивното место во уметничката продукција од ранохристијанскиот период, Димитрова ги разгледува ликовните особености на керамичкиот материјал од неколку аспекти, како на пример начинот на конципирањето, модусот и квалитетот на изведбата и специфичните карактеристики на претставените композиции – велат од Музејот „Теракота“.
Во 2008 и 2009 година откриени се и теракотни релјефи со нови мотиви, на истражувањата под раководство на археологот Цоне Крстевски од Музејот на Македонија.
Поради својата специфичност и уникатност, теракотните икони досега биле изложени во
Ватикан (1986), Загреб (1987), Љубљана (1989), Москва (1989), Белград (1991), Минхен (1993), Рим (1995), Варшава (1996), Анкара (1997), Париз (1999) и во други градови.
Англиските археолози во Македонија
Изложбата во „Ешмолијан“ беше договорена лани кога претставници од музејот ја посетија Македонија.
- Подготвуваме голема изложба која треба да го прикаже развојот на големите религии во империите низ историјата. На изложбата ќе има неколку поставки за христијанството, девет теракотни икони кои се откриени на Виничкото кале. Како археолог, сакам лично да се запознаам со археолошките богатства на овие терени - изјави тогаш Пол Робертс, програмски директор на оксфордскиот музеј.
Славица Вајт, Пол Робертс и Елизабета Канческа-Милевска, пред една година
Тогаш беше потпишан меморандум за соработка. Англиските научници во земјава дојдоа со посредство на Славица Вајт, претседателка на Фондацијата „Кирил Трајковски“ со седиште во Лондон. Во организацијата помогнале и нашите министерства за култура и за надворешни работи, македонската амбасада во Англија, претходната директорка на Археолошкиот музеј, Весела Честоева, Музејот на Македонија и Музејот „Теракота“ од Виница.