X
 17.12.2017 Образование

Знаењето е стока (на попуст)


Книга
(Фото: Pixabay)


Британскиот министер за високо образование Џо Џонсон неодамна ја претстави новата верзија на планот за скратено, двегодишно факултетско образование. Имено, двегодишните студии што би биле во понудата на универзитетите би се состоеле од ист број предмети како и тригодишните, но курсевите, а со самото тоа и студиите, би биле „забрзани“ (accelarated degree). Што точно претставува таквото „забрзување“ и како би се постигнало тоа, сè уште никому  не му е јасно. Идејата на предложената реформа е намалување на школарините за 20% во однос на школарините за тригодишните студии. Значи, наместо да се намалат школарините на годишно ниво, решението на министерот нуди намалување на годините на студирање.

Според ваквата изместена логика, образованието е само уште еден од производите што се приспособуваат на барањата на пазарот. Затоа, тоа во понудата треба да биде лесно за консумирање и достапно за поголем број луѓе. Па така, министерот како добра страна на оваа реформа ја наведува флексибилноста на краткорочното студирање, поради што студентите ќе можат порано да почнат да заработуваат, но и заштедата од државниот буџет од кој сега ќе се издвојуваат помалку средства за студентски кредити. Уште една предност на овој модел на студирање според Џонсон е и изедначувањето на паричната вредност со универзитетската понуда. Со други зборови, министерот божем ги уважува жалбите на студентите за лошиот квалитет на образованието што го добиваат за така високи школарини, додека како решение предлага уште полош квалитет на услугите. Како вистински маркетиншки маг, Џонсон успева да продаде лажна приказна за намалување на школарините и зголемување на квалитетот на образованието.

На овој предлог, кој би требало да почне да се применува на британските универзитети од есента 2019, реагираа претставниците на академската заедница и некои политичари. Портпаролот на организацијата „Расел груп“, која ги претставува 24. водечки универзитети во Британија, изјави дека иако универзитетите сè уште не ја отфрлаат идејата за забрзано студирање, изразуваат сомнеж во можноста за примена на ваков модел на истражувачките универзитети. Ангела Рејнер, лабуристичката секретарка во сенка задолжена за секторот образование, ја критикуваше идејата наведувајќи дека моментално една година основни студии чини 9.250 фунти, додека според новиот модел би чинела 11.000. Слично мислење има и Сели Хант, генералната секретарка на Синдикатот за универзитет и колеџ, која фактот дека студиите ќе поскапат при двегодишен образовен модел го толкува како обид за дозвола за влез на профитните колеџи во британското високо образование.

Јасно е дека зад овој предлог стојат „мерки за штедење“ според кои универзитетското образование во Велика Британија и во другите европски земји со години наназад агресивно се реструктурира. Исто така е јасно дека ова реструктурирање, таканаречено менаџирање на образованието, резултира со деградирање на улогата на образованието во општеството, кое од јавно добро се претвора во привилегија за одбраните. Во таа смисла новиот предлог на Џонсон само ја продолжува низата радикални промени што доведоа до затворање на цели катедри за јазици, култура и хуманистички науки. Паралелно со овие процеси се поттикнува и трендот на маркетиншка продажба на универзитетската понуда, преку нови и богато опремени спортски центри, современи кафетерии и бутици со стоки со универзитетските обележја.

Во вакви услови, новиот предлог на министерот Џонсон не само што ја потврдува идејата за образованието како трговска стока туку ја подига и на повисоко ниво, нудејќи „образование на попуст“. Во духот на божиќните празници, понудата на британското министерство за високо образование изгледа навистина примамливо: тригодишно факултетско образование за само две години студирање, со пониски трошоци и зголемување на државниот буџет. Затоа, не смее да нè изненади ако еден ден политичките елити предложат намалување на просечниот животен век затоа што така најефикасно би ги намалиле трошоците на државата на годишно ниво.


Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование