Жителите на САД што живеат во градови со загаден воздух во еден ден во просек вдишуваат штетни материи како да испушиле 0,4 цигари, додека Европејците во просек вдишуваат штетни честички како да испушиле 1,6 цигара дневно, покажа анализата на американскиот професор по физика Ричар Милер.
Жителите на САД што живеат во градови со загаден воздух, во еден ден во просек вдишуваат штетни материи како да испушиле 0,4 цигари. Жителите на Европа во просек вдишуваат штетни честички како да испушиле 1,6 цигара дневно, додека Кинезите се во најлоша позиција - поради загадениот воздух, секој ден секој жител како да пуши просечно по 2,4 цигари. До овој заклучок дојде американскиот професор по физика Ричар Милер, кој ја анализираше концентрацијата на штетните ПМ 2,5 честички во воздухот изедначувајќи ја со конкретен број испушени цигари.
Милер не е единствениот научник што направил ваква анализа. Но, тој е единствениот што ги споредува негативните ефекти врз здравјето кои ги предизвикуваат штетните ПМ 2,5 честички и тие што ги предизвикуваат цигарите, за разлика од други научници кои ги зеле предвид само вредностите на ПМ 2,5 честичките во воздухот изедначувајќи ги со концентрацијата на овие честички во чадот од цигарите. Притоа, тој истакнува дека мора да се има предвид оти за разлика од пушењето, кое здравствено ги погодува само пушачите, загадувањето на воздухот ги погодува сите возрасни групи, вклучувајќи ги и бебињата и децата.
Според пресметките на Милер, една цигара на ден одговара на концентрација од ПМ 2,5 честички од 22 микрограми на кубен метар. Споредувајќи ги официјалните просечни бројки за загадувањето во САД, Европа и во Кина, Милер дошол до нивната еднаквост со бројот на испушени цигари.
Ако резултатите од анализата на Милер се применат за Македонија, може да се заклучи дека Македонците се во многу полоша ситуација од просечните Европејци. Имено, во земјава нема официјални бројки за просечната концентрација на најштетните ПМ 2,5 честички во воздухот. Но, според една научна студија за последиците од аерозагадувањето во земјава што ја изработи Институтот за јавно здравје заедно со експерти од Финска, беа изнесени загрижувачки податоци. Според оваа студија, Скопје е на врвот на листата со најзагадени градови во Европа, каде што концентрациите на ПМ 2,5 честичките на годишно ниво достигнуваат и до 70 микрограми на кубен метар.
Според оваа бројка за концентрацијата на ПМ 2,5 во воздухот во земјава и сознанијата на Милер, може да се пресмета дека дишејќи го загадениот воздух, секој жител на земјава просечно како да пуши по 3,2 цигари на ден.
Експерти од Институтот за јавно здравје на работилницата истакнаа дека живеењето во услови на токсичен смог е опасно за здравјето. Според нив, 30 до 35 отсто од болестите во Македонија се причинети од аерозагадувањето, поради кое во земјава годишно умираат околу 1.300 лица. Притоа, смртните случаи се предизвикани од три големи групи заболувања кои се директно поврзани со аерозагадувањто, а тоа се исхемична болест на срцето, мозочен удар и рак на белите дробови.