X
 28.07.2026 Живот

Зошто еден пушач добива рак, а друг не? Научниците ги откриваат можните причини

Зошто некои пушачи никогаш не добиваат рак на белите дробови, а болеста се појавува кај некои непушачи е едно од прашањата во медицината што долго време немаа одговор. Слично е и со ракот на кожата, кој не се развива кај сите лица што се изложуваат на сонце.

Нова студија објавена во списанието „Нејчр“ нуди можно објаснување. Студијата покажува дека наследените гени значително влијаат врз развојот на туморот по изложеноста на штетни материи од околината.

Истражувачите открија дека дури и релативно мали наследени генетски варијации можат да го променат начинот на кој се развиваат туморите. Според нив, новите сознанија укажуваат на потребата наследената генетика и разновидноста на популацијата да се вклучат во идните стратегии за превенција на ракот. Сознанијата укажуваат на тоа дека наследената генетска подлога на поединецот помага да се одреди кои мутации ќе се задржат, како ќе се развиваат туморите и потенцијално како ќе реагираат на лекувањето.

- Оваа студија нуди фасцинантни насоки дека нашите наследени гени можат да имаат големо влијание врз развојот на ракот по оштетувањето на ДНК - изјави Сем Годфри од организацијата „Кансер рисчр ОК“.

- Првпат успеавме да покажеме до која мера генетската подлога влијае врз процесите на мутација и врз патеките што водат кон развој на туморот - вели Данкан Одом, кој го водеше истражувањето на институтот ЦРУК при Кембриџ.

Истражувачите користеа четири генетски различни видови глувци за да пресликаат нивоа на разновидност слични на оние кај луѓето. Потоа ги изложија на идентични дози на познат црнодробен канцероген, диетилнитрозамин, кој се наоѓа во чадот од тутун и во некои преработени продукти. Познато е дека тој предизвикува оштетување на ДНК во клетките на црниот дроб, што доведува до мутации кои можат да го поттикнат растот на туморот.

Идни стратегии за превенција и скрининг

Иако животните примија иста доза канцероген на иста возраст од 15 дена и во контролирани услови, ракот кај нив се развиваше по различни еволутивни патеки, во зависност од нивната генетска подлога. Беа анализирани речиси 600 тумори за да се реконструира начинот на нивниот развој. Многу тумори на крајот активираа исти биолошки процеси кои го поттикнуваат растот на ракот, но до таа цел стигнаа преку различни мутации и генетски промени. Тоа покажува дека наследената ДНК не влијае само врз ризикот од рак, туку и врз начинот на кој туморот се развива откако ќе почне да се формира.

-Ако генетската подлога влијае и врз ризикот од рак и врз еволутивната патека на туморот, идните стратегии за превенција и скрининг ќе мора да ги земат предвид наследената генетика и разновидноста на популацијата - вели Сара Ејткен, авторка на студијата, доцент на Медицинскиот факултет при „Јејл“.

Научниците, исто така, сметаат дека наследената генетика би можела да влијае врз одговорот на терапиите насочени против ДНК на туморот, вклучувајќи и некои форми на хемотерапија и радиотерапија.

-Реакциите на лековите против рак веројатно се разликуваат во зависност од наследената генетика на поединецот, па можеби ќе мораме кон тоа да ги приспособиме дијагностиката и лекувањето - додаде Ејткен.

Ако овие резултати се потврдат кај луѓето, тоа би можело да отвори пат кон поприспособени пристапи во изборот на лекување и процената на ризикот.

- Потребни се уште истражувања за да сфатиме што значи ова за луѓето, но откритието би можело да го промени нашето разбирање за настанокот на ракот и да доведе до подобри и попрецизни начини за борба против болеста - заклучи Сем Годфри од организацијата „Кансер рисчр ОК“.

Извор: index
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот