X
 28.12.2017 Економија

Не беше сѐ така црно, во 2017 имаше и добри работи!


Две планети
(Фото: NASA)



Гледано на глобално ниво, 2017 беше година што привлече внимание бидејќи се случија значителни поместувања на полето на здравството, науката и технологијата. Да забележиме неколку од нив:

Дури и Сирија ја потпиша Париската климатска спогодба

И покрај „напорите“ на некои светски лидери, речиси сите светски држави ја потпишаа Париската спогодба за борба против климатските промени и напорно се обидуваат да ги почитуваат обврските што произлегуваат од неа. И Сирија и Никарагва ја потпишаа спогодбата, додека Доналд Трамп најавува повлекување на САД, но според правилата на ООН, тоа може да го направи дури на 4 ноември 2020 година. Да потсетиме, следните претседателски избори во САД ќе се одржат на 3 ноември 2020.

Го откривме потеклото на златото


Првото детектирање на гравитациските бранови настанато со спојување на две црни дупки беше објавено минатата година, а оваа година научниците изјавија дека ова откритие драматично го измени „лицето“ на астрофизиката. Потоа, во октомври 2017 беше објавено дека е детектиран петтиот гравитациски бран кој настанал со спојување на две неутронски ѕвезди во одумирање. Резултатот бил создавање злато и други вредни метали во вселената. Затоа, ако на раката имате златен прстен, треба да знаете дека тој настанал со судирање на мртви ѕвезди пред неколку милијарди години.

Гвинејскиот црв (дракункулијаза) наскоро ќе биде минато

Во последните статистики се забележани само 26 случаи на зараза со гвинејски црв, што е дури 3,5 милиони помалку отколку пред 30 години. Гвинејскиот црв е опасна паразитска болест која до неодамна беше многу застапена во населените делови од Африка. Се пренесува преку пиење загадена вода, а црвот може да нарасне и до еден метар должина во телото. Благодарение на напорите на многу здравствени организации, кои го едуцираа населението обучувајќи го како да ја филтрира водата за пиење, значително е намалена смртноста предизвикана од овој паразит.

Сè повеќе деца се вакцинираат

Смртноста од мали сипаници падна под 100.000, поточно за 84 проценти првпат од 2000 година. Пред 17 години дури 550.000 луѓе во светот починале од последиците од рубеола. Сепак, Светската здравствена организација во ноември објави дека благодарение на вакцинирањето (повеќе од 5 милијарди вакцини во текот на минатите години), стапката на смртност паднала на 90.000 во 2016 година. Некогаш одамна малите сипаници убивале дури 1,3 милион луѓе во светот пред да се појават вакцините.

Детската парализа е сведена на минимум

Детската парализа е болест што ги погодува децата под пет години и предизвикува доживотен инвалидитет, а во некои случаи и смрт. Во осумдесеттите години се забележувале по 350.000 случаи на годишно ниво, а програмите за вакцинација успеале да го спуштат овој број на 101 случај годишно. Светската здравствена организација овој успех го припишува на вакцинацијата, која превентивно дејствувала на речиси 1,5 милион случаи.

Процентот на гладни опаднал за 27 проценти во споредба со 2000 година


Статистиките што го мерат овој феномен се малку покомплицирани затоа што Институтот за интернационално истражување на прехранбените навики зема предвид неколку параметри – неисхранетоста, смртноста кај децата, заостанување во развојот, и ги форматира како еден број – светски индекс на глад. Сепак, бројките се многу јасни. Процентот на неисхранетост на популацијата и тоа како се менувал:  во 1991 година едно лице од вкупно пет, односно 18,6 проценти од популацијата биле неисхранети; во 2000 година тој процент изнесувал 15 проценти, а денес индексот е 10,8 отсто.

Цената на обновливата енергија во Велика Британија падна на најниско ниво

Владините договори за нови ветроелектрани на копно кои ќе произведуваат енергија се обезбедени по вонредно ниски цени. Планираната електрана „Хорнси 2“ на брегот на Јоркшир и Мореј до североисточниот брег на Шкотска почна да произведува енергија по цена од 57,50 фунти за мегават-час. Тоа е многу поевтино од 92,5 фунти мегават-час кога се работи за нуклеарна енергија, а поевтино е дури и од гасот.

Кажете им збогум на бензинците

Британската влада најави дека до 2040 година ќе ги забрани автомобилите што се движат на бензин и дизел, а некои произведувачи веќе најавуваат дека ќе престанат да ги произведуваат. Меѓу нив е и „Волво“ и од 2019 година планира да произведува исклучиво електрични автомобили.

Збогум, „Касини“

Мисијата на леталото „Касини“ дојде до самиот крај. Тоа воедно беше и тажно и преубаво затоа што на својот пат ни откри многу непознати работи за вселената, испраќајќи ни преубави фотографии.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија