X
 09.01.2019 Наша тема

За што се заглавува во здравството? Кои се најчеканите прегледи и анализи во „Мој термин“

За некои прегледи и анализи се скратило времето за чекање споредено со мај 2018 година, некои останале исти, а за други се зголемило

Магнетна резонанција, одредени анализи на окото, ехо на срце, носење холтер, ехо на гради и мамографија, преглед на простата се само дел од услугите за кои во голем број установи се чека и подолго од еден и пол месец. Во дел од нив, пак, нема слободни термини за закажување, покажуваат податоците на системот за закажување и евиденција во здравството „Мој термин“. За некои прегледи и анализи се скратило времето за чекање споредено со мај 2018 година, некои останале исти, а за други се зголемило.

Чекањето пет месеци за оние што сакаат преглед на Клиника е рекордот на листата што ја добивме од „Мој термин“. Имено, за преглед на заден сегмент на окото со ОСТ ангиографија на Клиниката за очни болести се чека 157 дена. За истиот преглед во клиничката болница во Битола се чека 2 дена.





Еден месец за кај логопед, за електромиографија, за кај кардиолог...

За електромиографија со која се детектира состојбата на нервите што го напуштаат 'рбетот и минуваат низ екстремитетите, според пресекот направен во втората половина на декември, минатата година на Клиниката за неврологија се чекало еден месец, а во кумановската болница и поликлиниката „Ѓорче Петров“ по 24 дена. Термини нема за во Штип и во Битола. Пред 7 месеци за ваков преглед се чекало и околу пет месеци.
За кај ендокринолог на Клиника се чека 16 дена, а во скопската градска болница „8 Септември“ нема термини. Во оваа болница нема термин ниту за кај гастроентерохепатолог. Малку повеќе од еден месец - 36 дена се чека и за на Клиника за ревматологија, а на ревматолошки преглед во клиничката болница во Битола може да се појде за десетина дена.

На очна клиника нема термин за ласер-фотокоагулација, ама за ваков преглед има во охридската болница и се чека 8 дена. Пред седум месеци можел да се добие за неколку дена.
За да добиете логопедска услуга во болниците во Битола и во Штип, треба да почекате околу еден месец. Ако, пак, лекарот ве прати во Заводот за рехабилитација на на слух, говор и глас во Битола, ќе треба да поминат 10 дена, а во иста ваква установа во Скопје - една недела. Толку било чекањето и во мај.
Во штипската и во битолската болница се чека и за кардиолошки преглед – околу 1 месец.

Извор: „Мој термин“

Два месеца за доплер, а еден месец за холтер

Доколку пациентот има потреба од доплер, со кој се утврдува состојбата на големи крвни садови, во кумановската болница ќе чека 2 месеца, во Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања-Охрид – 54 дена, а во кавадаречката и битолската болница околу 40 дена. Околу еден месец се чека во скопската поликлиника „Букурешт“ и геронтолошкиот завод „13 Ноември“.
Носењето холтер кој го снима крвниот притисок или работата на срцето е вообичаено многу чекана анализа во повеќе градови. Така во Скопје на Клиниката за кардиологија се чека два месеца, во Здравствен дом во Делчево околу 50 дена, во „8 Септември“ - 44, а во Тетово - 28 дена. Еден ден се чека во охридскиот завод.
За снимање со магнетна резонанција во битолската болница се чека околу 2 месеца, а 2 дена на Клиниката за радиологија. Термини нема во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, болниците во Тетово и Штип и во поликлиника „Чаир“.



„Традиционално“ долго се чека за ехо на срце, на дојки, мамографија...

За ехото на срце исто така се чека во повеќе установи. Така, околу два месеца се чека во Скопје на Клиника и во „8 Септември“, околу 40 дена во поликлиниките „Јане Сандански“ и „Идадија“, а околу еден месец во поликлиника „Букурешт“, во болниците во Тетово и Велес.
За преглед кај пулмолог и алерголог во „8 Септември“ и во кумановската болница треба да помине околу еден месец од закажувањето. За гастроскопија во „8 Септември“ и на Клиника за гастроентерохепатологија се чека околу 50 дена, а за уролошки преглед на клиника – околу 43 дена. Треба да поминат 73 дена за да се добие ваков преглед во кавадаречката болница.

Еден и пол месец од закажување до ортопедски преглед е потребен за во специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, како и во поликлиниката „Букурешт“ во Скопје, а треба да се чека за слободни термини во „8 Септември“ и на Клиника.
За преглед поради дијабетес се чека околу 40 дена во Охрид, Прилеп и во Кичево.
За ехо на дојка во кумановската болница и на Клиниката за радиологија мора да поминат околу еден и пол месец од закажувањето, а нема слободни термини во 11 установи. За мамографија, пак, најмногу се чека во Прилеп, Кавадарци и на Клиника. Слободни термини нема во 9 установи. Долгото чекање или немањето термин било проблем и пред седум месеци.

Ехо и преглед на простата е исто така чекана процедура во главниот град, за која се чека и по 45 дена. Слободни термини нема во 7 установи.
Од Министерството за здравство велат дека се во постојана комуникација со јавните здравствени установи и во рамките на можностите се обезбедуваат дополнителни термини, во договор со медицинскиот персонал и менаџментот.
- Работиме на зголемување на бројот на термините и ги следиме, а внимаваме и да се почитува правилникот на времетраење на термините - велат од Министерството.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема