X
 28.12.2017 Живот

Шумахер: Добро чувана тајна

шумахер
Фото: Getty Images

Францускиот спортски весник „Л Екуип“ со насловната страница „Шуми, не те забораваме“ ќе ја одбележи годишнината од денот кога тој доживеа тешка несреќа додека скијаше на француските Алпи, во одморалиштето Мерибел.

Четири години по неговата трагична несреќа, фановите на Михаел Шумахер сè уште не знаат што се случува со шампионот. Но недостигот на информации предизвикува само ширење на дезинформации, а секоја шпекулација за неговата состојба се шири како шумски пожар. Видеата на „Јутјуб“ што лажно известуваат за неговата несреќа и закрепнување продолжуваат да собираат десетици илјади прегледи.

Меѓутоа, последната информација за состојбата на Шумахер беше пред повеќе од една година кога неговиот адвокат за Си-ен-ен изјави дека не може да оди.

2
Фото: Twitter

Оттогаш, тишина. Оваа најголема мистерија е и најдобро чувана тајна. Но зошто?

Неговата официјална страница на „Фејсбук“ редовно се ажурира со клучните информации за клучните моменти во неговата кариера.

„Голема благодарност до сите оние што нè поддржуваат во поттикнувањето на другите луѓе никогаш да не се откажат“, изјави синот на Шумахер, Мик, минатата недела на „Инстаграм“.

„Многу години нашето семејство добива позитивна енергија од луѓето што чувствуваат дека мојот татко ги инспирира. Сакаме да ја насочиме оваа енергија во сила што ќе прави добро и ќе помага во областите што татко ми секогаш ги поддржуваше“.

Неговата веб-страница води кон добротворна организација формирана зад хаштагот #keepfighting. Чудно е што на веб-страницата не се споменува несреќата, оставајќи ги посетителите да претпоставуваат дека #keepfighting се однесува на ставот на Шумахер за време на неговата кариера, наместо неговата битка да закрепне од мозочната траума.

Исто така, тимот на Шумахер е доста внимателен кога станува збор за управувањето со кариерата на Мик како што тој почнува сериозно да навлегува во мото-спортот.

Мик, кој тогаш имал 14 години, бил заедно со татко си кога ја доживеал несреќата, на 29 декември, но на новинарите им било наложено да не го прашуваат ништо за несреќата. Неговата ќерка Џина-Мари, која се занимава со јавање, често објавува инспиративни пораки на нејзиниот инстаграм-профил со хаштагот #keepfighting, но никогаш директно не ги упатувала пораките до нејзиниот татко.


Ова ги остава обожавателите поделени за тоа дали заслужуваат поголемо вклучување во состојбата на нивниот херој - или треба да го почитуваат неговиот приватен живот.

„Овој недостиг на вести е еден вид навреда за сите негови поддржувачи“, коментираат корисниците на интернет. „Тој имаше јавна професија, така што постојат предности, но и недостатоци... а неговите обожаватели би сакале да знаат дали е подобар или е во лоша состојба“, вели друг обожавател.

Трет не се согласува. „Неговото семејство и пријателите се во право што го штитат. Зошто да прикажуваат слики од поранешен шампион кој сега можеби е тетраплегичен? Достоинството пред сè!“

По четири години од трагичната несреќа Михаел Шумахер останува популарна тема.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот