X
 23.05.2023 Живот

Навики што ги прават луѓето среќни

Иако често се пишува за среќата, сепак таа е еден од најголемите психолошки феномени, за што сведочат тековни активни студии што се занимаваат со неа.

Според последните податоци од Светскиот извештај за среќа, северноевропските земји, поточно Финска, Данска и Исланд, повторно го зазедоа врвот и се земји во кои луѓето се најсреќни.

Како изгледа среќата кога се зголемува?

На индивидуално ниво, дефиницијата за среќа во современите истражувања се заснова на позитивна психологија, млада гранка на психологијата која ги проучува луѓето со фокус на оптимизмот, среќата и задоволството. Оваа гранка на психологијата ги истражува позитивните аспекти преку субјективни искуства, односно кои фактори влијаат врз среќата на поединците и чувството на благосостојба.

Една од попознатите модерни дефиниции за среќата, која експертите често ја наведуваат во своите дела, е на социјалниот психолог Соња Љубомирски. Таа ја дефинира среќата како чувство на исполнетост и задоволство во животот што произлегува од постигнување цели и доживување позитивни емоции.

Дали можеме да научиме како да бидеме посреќни?

Различни околности и карактеристики можат да влијаат врз чувството на среќа - од возраста, полот, физичкото и менталното здравје до односите со околината и животниот стандард. Всушност, иако е вообичаено мислењето дека причините за среќа често се само индивидуални, може делумно да научиме да размислуваме за тоа како да бидеме посреќни и последователно да доведе до тоа навистина да се чувствуваме посреќни.

Постојат параметри кои можат да ги одредат препознатливите навики на луѓето кои се посреќни од другите, а тоа  влијае врз нивното ментално и физичко здравје. Според истражувањата, луѓето што се среќни имаат јасни навики кои ги разликуваат од другите.

Позитивни се, благодарни и свесни за околината

Истражувањето на американските универзитети открило дека луѓето што се повеќе склони кон позитивно размислување имаат пониско ниво на стрес и поголема самодоверба. Исто така, таквите луѓе се помалку подложни на депресија и анксиозност.

Посреќните луѓе се фокусираат и на позитивните аспекти од животот, што резултира да бидат поблагодарни и оптимисти. Оптимизмот последователно го зголемува чувството на контрола над животот, додека чувството на благодарност помага да се фокусираме на позитивните аспекти од животот и да го зголемиме задоволството.

Иако среќните луѓе не се секогаш оптимисти и позитивни, тие имаат тенденција да се фокусираат на посветување внимание на позитивните аспекти од животот. Ова, исто така, им дава чувство на упорност и сила што можат да ги активираат во одредени ситуации.

Создаваат силни врски и пријателства

Посреќните луѓе имаат изграден социјален живот, кој игра важна улога во чувството на припадност. Луѓето што поминуваат време со пријателите и семејството често се посреќни, покажуваат стручните истражувања. Така, социјалните врски обезбедуваат стабилност и емоционална поддршка и помагаат во соочувањето со животните предизвици.

Вежбаат и се грижат за своето ментално здравје

Во голем дел од светот очигледно е зголемувањето на здравствените проблеми кои се резултат на недостиг на физичка активност. Според податоците на Светската здравствена организација, во Европа дури 30 отсто од возрасните не го исполнуваат основното ниво на физичка активност, односно 150 минути аеробна активност на неделно ниво.

Спротивно на овие статистики, луѓето што се редовно физички активни се и посреќни и се грижат за своето физичко и ментално здравје.

Физичката активност е поврзана и со зголемено ниво на среќа и благосостојба, како на физичкото така и на менталното здравје. Исто така, докажано е дека кратките прошетки можат да го подобрат расположението и да го намалат чувството на стрес, додека редовното вежбање ја подобрува самодовербата. Поинтензивната физичка активност помага во ослободувањето на хормонот на среќата - ендорфин и севкупно го подобрува квалитетот на животот.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот