X
 31.12.2017 Образование

Преку учењето на Аристотел студентите ќе откриваат лажни вести

филозофија
Фото: Alamy Stock Photo

Приватно училиште во Британија ќе ги користи грчките филозофи за да ги научи студентите да забележуваат лажни вести на социјалните медиуми, а се подготвува и нов курс во новата година.

Колеџот „Брајтон“, училиште во Источен Сасекс, ќе го понуди новиот курс како начин да ги поттикне децата критички да размислуваат за информациите што ги добиваат преку интернет.

Во курсот ќе биде прикажано учењето на Аристотел за вистината, а предавач ќе биде Лик Хамблет, која е професорка по филозофија. Таа се надева дека децата ќе научат да прават разлика помеѓу тоа што е реално, а што не.

„Сакам да ги научам да бараат ресурси, да гледаат од каде доаѓа изворот и дали е соодветен“, вели таа. „Ако читате нешто, тогаш проверете го на неколку различни платформи, немојте веднаш да помислите дека е вистина бидејќи доаѓа преку социјалните мрежи“.

Хамблет вели дека луѓето имаат природна наклонетост да веруваат во пишаниот збор, така што потребни се аналитички вештини за да се утврди дали она што го читаат е вистина.

„Живееме во ера каде што вестите и ’фактите‘ можат веднаш да се најдат со помош на паметните телефони - а овие телефони ги поседуваат мнозинството средношколци. Сепак, ние сè уште ги немаме научено децата како да бидат остроумни. Како професори, имаме одговорност да им ги отвориме очите на децата за она што го читаат и слушаат“, вели Хамблет.

„Тие мора да знаат дека не можат да веруваат во сè што ќе излезе на нивниот телефон. Исто така, мора да научат како да формираат мислење. Курсот што го воведовме ќе анализира дали лажните вести отсекогаш биле меѓу луѓето, меѓутоа, со друго име, и ќе го користи стандардниот модел на вистината на Аристотел за да им помогне на студентите да разликуваат факт од фикција“, завршува таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование