X
 17.01.2019 Наша тема

Наставничка од Скопје го одушевува светот со своите хеклани изработки

Маја Кузманоска 18 години предава англиски јазик во ОУ „Вера Циривири-Трена“ во Скопје. Таа е една од првите блогерки во Македонија, а успехот и добриот одѕив на The Little Treasures ja мотивирале да создаде и свој бренд, кој постои речиси девет години

Инспирирана од традицијата и од детските сеќавања на вештите жени покрај кои растела, професорката по англиски јазик Маја Кузманоска од Скопје речиси десет години создава уметност. Нејзините рачни изработки на накит од платно и создаден со хеклање го одушевуваат светот. Токму еднo од најпрестижните списанија за креативност - Artful Blogging ѝ отстапи простор за да ја раскаже приказната за својот блог и бренд The Little Treasures

Ќерката Ива го промовира накитот на мајка си

Инспирирана од детството

Факултети.мк ја раскажува нејзината приказна. Со задоволство се наврати на детството и на своето семејство во кое традицијата била длабоко вкоренета и почитувана, а рачната работа, како нејзин важен и нераскинлив сегмент, била од непроценлива важност.
- Жените во моето семејство беа посветени на рачната работа, дали од потреба или само заради чисто уживање - се плетеа џемпери, шалови и капи, се хеклаа чаршафи и милјеа, се шиеше облека. Ние, децата, секогаш бевме вклучени во овој природен процес и охрабрувани да создаваме и да ги развиваме вештините. Од првите, нерамномерни и искривени котелци, преку стаклени, хартиени и глинени мониста, еве сум тука, каде што мојата игра никако не запира и со љубов ја негувам - вели Кузманоска.
Таа е една од првите блогерки во Македонија. Успехот и добриот одѕив на The Little Treasures ja мотивирале да создаде и свој бренд, кој постои речиси девет години. Нејзината ќерка Ива со гордост го промовира накитот.

Маја Кузманоска

Тантелата и дрвената мониста ми се омилени

Денес најмногу е препознатлива по своето уметничко име Маја Кузман и по своите ѓердани и манжетни – бразлетни, по кои е позната најмногу во „хеклачкиот свет“.
- Задоволна сум што веќе имам круг на постојани купувачи. Денес, со помош на интернетот е многу лесно да се допре до огромен број интересенти. Социјалните медиуми многу ми помагаат и со задоволство ги користам. Реакциите се прекрасни и претставуваат неверојатен извор на волја и енергија да продолжам со ова што го правам - вели професорката.
Бесценетите камења и златото никогаш не ѝ биле омилени материјали за од нив да создава уметност.
- Отсекогаш ме предизвикувал и повикувал рачно изработен накит од мешани материјали, оној што со себе носи приказна и предизвикува најразлични чувства. Го обожавaм металот замак што го користам за ориенталните парчиња накит, потоа секако памучниот конец, кој ми е и најважен, но и најразличен текстил. Слабост ми се тантелата и дрвените мониста - признава Кузманоска.


Таа 18 години предава англиски јазик во Основното училиште „Вера Циривири-Трена“ во Скопје. Смета дека просветните работници треба да бидат инспиративни личности за децата и со хобијата што ги негуваат.

- И како родител, но и како наставник сметам дека е од исклучителна важност наставникот да е креативна личност. Креативноста е клучна за емоционалниот развој, ја поттикнува иновативноста кај учениците, ги охрабрува да истражуваат нови хоризонти, да бараат нови предизвици и решенија. Сакам часовите да ми се креативни и инспиративни, така што особено во нижите одделенија се впуштаме во креативна игра каде што твориме и се искажуваме преку најразлични медиуми, додека во вишите одделенија креативниот процес е посуптилен и е на поинакво ниво - објаснува Кузманоска.


Во августовското издание на онлајн-дневникот Artful Blogging беше поканета да ги раскаже своите почетоци.

- Станува збор за списание кое во подзаглавието вели дека е визуелно-инспиративен онлајн-дневник. Името кажува сѐ. Блогирање кое се квалификува како уметност. Тоа е списание посветено на блогерската заедница, каде што се споделуваат приказни од различни типови креативни блогери придружени со исклучително добра фотографија - објаснува таа.
Кузманоска периодов е фокусирана на својата детска колекција со работно име „Боемски бебиња“, а ја подготвува и пролетната колекција на накит и додатоци инспирирана од 50-тите години на минатиот век.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема