X
 17.01.2022 Наша тема

„Сестри“ е образовна читанка за младите, вели актерката Јанчевска

Откако го гледале филмот, некои родители им забрануваат на децата да одат на забави. „Сестри“ е филм кој треба да служи како превентивна алатка, особено кај средношколците. Мислам дека и родителите треба да го гледаат за да се доближат до животот на своите деца, вели актерката Марија Јанчевска за Факултети.мк

Ривалство, натпреварување, омраза, понижување, булинг... ова се дел од зборовите што опишуваат кога адолесцентите првпат се соочуваат вакви појави. Тоа дека една обична забава за некого може да отиде предалеку, дури и да заврши трагично, ни покажува македонскиот филм „Сестри“ на Дина Дума. Ова е филм кој треба да го гледаат сите родители на тинејџери и сите тинејџери бидејќи ја отсликува денешната состојба помеѓу младите во нашето општество. Филмот би требало да ја отвори Пандорината кутија во многу семејства, училишта, маала... би требало да поттикне отворена јавна дискусија и да помогне да му се стави крај на лошото однесување кое претставува терор за поединци. Во „Сестри“ девојчето по име Елена е жртва на булинг и сајбер-булинг од нејзини врснички, па завршува со смрт. Улогата на Елена ја толкува младата актерка и поетеса Марија Јанчевска.



Како се најде во филмот „Сестри“?

- Веста дека ја добив улогата неописливо ме израдува, тоа беше шанса што не се пропушта. Иако имав само 14 години кога ја добив улогата, се чувствував како да е нешто што навистина ми припаѓа и дека е тоа што сум го чекала.

Како изреагира кога првпат го слушна сценариото?

- Мојот првичен пристап во поглед на сценариото беше негативен бидејќи улогата бараше да правам работи кои сè уште ги немав доживеано во мојот приватен живот. Долгите разговори со Дина Дума, која ми излезе во пресрет во секој поглед, ми помогнаа и заедно одлучивме дека некои сцени нема да бидат снимени, а оние на кои има експлицитни делови ќе бидат снимени со дублерка. Оваа улога ми донесе многу предизвици, како од актерски така и од приватен аспект. Искрено, многу се двоумев дали сум подготвена да преземам таков потфат, но денес би рекла дека и најмалото излегување од комфорната зона може да ве однесе многу поблиску до себеси отколку што можете да замислите. Оваа улога ме направи подобар актер, а и ме запозна со вистинското значење на актер во долгометражен филм.



Што сака Елена да ни каже на сите?

- Елена би ја дефинирала како еден мошне комплексен карактер, иако не сум сигурна за тоа колку нејзиниот лик целосно се пренесува во филмот. Таа е девојка која ги задоволува општоприфатените норми за да го има социјалниот статус во нејзината средина, а сепак не е олицетворение на таа типична девојка која е очекувано да се види во неа. Таа истовремено е и жртва од нејзините врсници кои применуваат насилство. Елена ги пренесува родовата нееднаквост и перцепцијата на луѓето земајќи ги предвид двата пола. Таа останува етикетирана и напаѓана по ситуација која ѝ се случува нејзе, но и на машкиот лик, кој за разлика од неа е доживеан како херој. Оттука, таа не носи и до тоа како за момент со еден клик се менува нечиј живот. Ги отвора прашањата за половата разлика, социјалниот статус и неможноста да побегнеш од себеси. Тешко е да се живее во нејзината кожа, која е претесна за таа да може да побегне. Бев најмлада на сетот, а поради разликите во мојот и карактерот на мојот лик, луѓето често остануваа збунети кога ќе слушнеа кој лик го толкувам.

Најтежок дел ми беше првиот бакнеж на камера

- Снимањето остана во моите најубави спомени, се одвиваше професионално, со одмерена доза на забава која се чувствуваше кај целата екипа, која всушност и ме мотивира да продолжам да го работам тоа што знам дека секојдневно ќе ме носи на ново место, во нова кожа. За мене, најинтересен дел беа снимањата во Охрид, иако требаше да снимаме и во езерото во октомври. Најтежок дел ми беше првиот бакнеж пред камера и сите емоции што доаѓаат со него. Сепак, ги имав целата екипа и Дина, која ми беше најголема поддршка на сетот. Ми беше чудно да гледам како сцените во кои беше дублерката се спојуваат на професионален начин за на крајот да изгледа толку реално. Тоа беа моите „тешки“ моменти кои, од денешна гледна точка, мислам дека ме направија многу поразвиен и поподготвен актер. Од друга страна, најлесен дел ми беа сцените во кои се истакнуваше емотивната подготвеност на ликот на чие развивање посветено работев.


Фото: Сашо Ставрев

Што претставува „Сестри“ за тебе?

- „Сестри“ е образовна читанка за младите и филм кој треба да служи како превентивна алатка, особено кај средношколците. Мислам дека е вистинскиот филм кој и родителите треба да го гледаат за да се доближат до животот на своите деца. Содржински е навистина поткрепен со актуелни и вистинити теми. А визуелно? Уште по првото гледање како објективен гледач би кажала дека не е нешто што би го пропуштила! Приказната не е предвидлива, а клучен дел би можела да биде целата неизвесност во филмот.

Дали ова што го претставува филмот навистина се случува меѓу младите?

- Како директен дел од младината, можам да сведочам дека веродостојно е претставено тродимензионалното живеење на младите во денешнината. Колку и на моменти тоа да изгледа како пренаметливо, за жал, секој аспект од филмот се занимава со дела и ситуации во кои ние се пронаоѓаме и со кои се поистоветуваме. Сите млади ликови се играни од вистински средношколци, а не од професионални актери, што мислам дека е фактор плус кој придонесува за уникатноста и реалноста застапена низ целиот филм.

Вистинските реакции доаѓаат од оние што го гледаат филмот првпат и се позитивни. Нашите врсници велат дека сè уште им е чудно кога ќе отворат стриминг-платформа како „Нетфликс“ да видат македонски филм, а некои пак велат дека родителите им забраниле да одат на забави откако го гледале филмот.

Ќе успее ли „Сестри“ да направи општествени промени?

- Сметам дека е невозможно да се спроведат радикални промени преку филмското платно, но сепак сум убедена дека ќе биде уште една капка која ќе ја прелие чашата и ќе биде зачеток на адресирање на проблемите за кои треба отворено да се зборува. Почнувајќи од сајбер-булингот до манипулацијата која владее кај младите, ниските морали, системските грешки и надлежните, како и родителите кои во голем случај како да не го пронаоѓаат вистинскиот начин да променат нешто. Но знаете, секоја промена започнува со еден потег и секој бунт со еден глас - па ние веруваме дека ќе направиме секој гледач да ја почувствува блискоста со нашите ликови, да знае дека не е сам и да собере сила да зборува за себе. Од друга страна, сакаме и да посочиме на последиците од нашите постапки.




Фото: Сашо Доковски
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема