На пазарот во Хрватска наскоро ќе биде понуден иновативен производ кој се грижи за цвеќињата.
Станува збор за саксија која по скенирање на условите во околината, со своите сензори ги препорачува оптималните растенија за тој простор. По садењето на растението, саксијата автоматизирано се грижи за него со помош на податоците од околината.
Саксијата наречена „Чонча“ е производ на студенти од повеќе универзитети, а првиот прототип ќе биде изложен на Факултетот за организација и информација во Вараждин. Производот доаѓа со мобилна апликација за корисникот. Таа ќе биде произведена со помош на технологија за 3Д-печатење.
Проектот е поддржан од страна на факултетот во рамките на програма за поддршка на студенти и млади иноватори во развивањето претприемачки идеи и пласирање производи на пазарот. Факултетот им помага на студентите да основаат стартап за производот, кој ќе има канцеларија во технолошкиот парк во Вараждин.
- Нашите студенти се носители на развојот на технолошките промени и со своите иновации навистина може да влијаат врз забрзаниот развој на дигиталното општество во кое живееме - изјавила деканката на факултетот, Нина Бегичевиќ Реџеп.
Извор:
Vecernji
Насловна фотографија:
Факултет за организација и информатика во Вараждин