X
 17.02.2020 Образование

Студентска изложба на Архитектонскиот факултет

Хотели, куќи, градинки и училишта, протеза за кампусот на УКИМ, нов транспортен центар во Кочани, автосалон се само дел од архитектонските решенија на студентите и нивните ментори кои се дел од изложбата што е во тек на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во големата сала минатата недела се отвори ИАС15 – Изложба на архитектонските студија, зимски семестар 2019-2020, која ќе трае до 19 февруари.

На отворањето на изложбата присуствуваа многу посетители, а говор одржа и деканот на Архитектонскиот факултет, проф. д-р Огнен Марина.

- Денес сме тука за повторно заедно да го прославиме трудот, самопрегорот и посветеноста на нашите млади колеги студенти, но и на нивните педагози и едукатори – професорите на Архитектонскиот факултет.
Оваа слика, на студентски проекти распослани низ оваа сала, но и низ целиот објект на Архитектонскиот факултет е резултат на неколкумесечната работа од единствен вид во академската заедница. Тоа е процес на бескрајната восхит од создавањето на нови простори, нови искуства, нови објекти и нови градови. Бескрајната восхит од создавање на нови архитекти, силни индивидуалци, ненаспани и уморни, но сепак со доволно ентузијазам за да бидат денес тука и со гордост да ви ги покажат своите проекти.
Оваа слика не би била возможна без саможртвата на шестотини студенти и само 27 професори на овој факултет, безбројните непроспиени ноќи, мноштвото промисли, идеи, скици и обиди. Оваа слика не би била возможна без откажувањата кои ве водат до нови сознанија, без осаменоста на ритуалот на креација во кој еден студент станува архитект, а можеби и иден учител. Ритуалот на создавањето на архитектурата. Овој ритуал во текот на семестарот се случува во просторот на факултетот, каде можете и во средината на ноќта да видите осамени фигури на студенти кои работат на своите проекти. Но, вие не сте сами. Со вас се генерациите на студенти по архитектура кои токму низ ритуалите на просторна и креативна изолација посегнувале по знаењата и искуствата на архитектурата -истакна Марина.












Фото: Мила Гавриловска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование