Секој човек треба да ги знае своите основни човечки права. Потребно е да ги знае за да може соодветно да се бори за нив и да ги бара онаму кадешто е потребно. Особено е важно човек уште во текот на неговото образование да ги познава своите студентски права за да може истите да ги бара.
Најважните права на студентите утврдени со Законот за високо образование се правата на квалитетни студии и образовен процес како што е предвидено со студиските програми, право на слободно искажување на мислење и ставови во текот на наставата и другите активности на високообразовната установа, правото на изјаснување за квалитетот (оценувањето) на наставата и наставниците, редовно студирање и статус на редовен студент и право на вонредно студирање и статус на вонреден студент итн.
Во анкетата која ја спроведовме, a во која учествуваа околу 30-тина кандидати, студентите најмногу знаат за правото редовно да напредува, да се образува и да го заврши студирањето под услови кои важеле при уписот како и правото на слободно искажување на мслење и ставови во текот на наставата и другите активности на високообразовната установа, иако беа поделени за правото на изјаснување за квалитетот (оценување) на наставата и наставниците.
Голем дел од студентите сметаат дека потребно е нивните права да им бидат претставени преку студентски клубови и организации.
„Мое мислење е дека студентите се додека не дојдат до ситуација каде што се соочуваат со одреден пропуст во образовниот систем, не ни знаат каде всушност можат да ги дознаат своите права. Различни студентски (формални или неформални) клубови и студентски организации би требало да бидат активни чинители на образованието каде студентите би имале можност да се информираат за своите права и како истите да ги заштита во случај на повреда. Поради таа причина, веројатно се формирани студентските парламенти и другите органи за кои студентите плаќаат чланарина. Но добар дел од тие структури постојат повеќе поради традицијата да еден универзитет има и студентски парламент, отколку поради потребата да постои ефективно тело за заштита на студентските права. Сепак, не треба да заборават дека одржливоста на овие органи паѓа на нивни товар, на студентите“, вели Никола Петровски, национален координатор на образовната организација „Students for liberty - Macedonia“.
Студентите истакнуваат дека нивните права не се никаде видливо истакнати, па поради тоа и не ги познаваат.
„Сметам дека секој студент не е доволно информиран за своите права, пред се` не е информиран за своите човекови права, а уште помалку за правата како студент. Секој еден од нас има право да ги ужива правата кои се предвидени со закон, но поради неукоста или недоволната информираност истите не се познати. Пред се`, студентските права јасно и на видливо место треба да бидат истакнати на секоја образовна институција, тоа кај нас не е случај. Сите имаме право на квалитетно образование; за жал ретко кој го ужива ова право, уште поважно секој студент има право на глас за носење или учество во носење одлуки кои се важни за него како студент, меѓутоа и тоа право меѓу студентите не е познато. Барам секој студент да се посвети на учење на своите права, почитување на истите и уживање во истите“, вели Емилија, студентка во трета година на Педагошкиот факултет во Битола.
„Искрено, не бев свесна за своите права во целост. Точно е дека треба да се информирааме самите, но не е на одмет правата и обврските на студентите да бидат јавно истакнати. Макар што сметам дека им оди во прилог на универзитетите слабото познавање на правата; со тоа студентите не можат да се борат за истите“, вели анонимна студентка.
Други студенти пак го делат мислењето дека вината не треба да се бара само кај студентите туку и кај институциите кои се должни да им ги кажат нивните права.
„Студентите во Македонија не само што не си ги знаат правата, туку и не знаат дека имаат некакви права. Вината колку што е во нив, бидејќи не се распрашале, толку е и во оние чија задача е да ги чуваат правата. Постои мал број процент на студенти кои точно си ги знаат правата, но тие кога ги бараат добиваат етикети на „бунтовници“. Факт е дека студентите се движечка сила во светот - нешто што нашите студенти не го знаат“, вели Јован, студент на Правниот факултет во Кичево.
Спорно е колку студентските права се почитувани од нашите факултети и колку студентите активно учествуваат во донесувањето на одлуки кои се однесуваат на самите нив.