X
 17.03.2022 Наша тема

Е-спортот ќе стане дел од Олимписките игри, вели Бобан Тотовски, претседател на МЕСФ

Првпат минатата година се закитивме со златен медал, откако нашата репрезентација во играта Кантер-страјк (CS:GO) стана светски шампион. Инаку, Македонската e-спорт федерација е 66. официјално призната глобално, а истовремено е и една од десетте првоформирани во светот, вели Тотовски

Во кој спорт може да се пофали Македонија дека е светски шампион? Одговорот е далеку од очигледен бидејќи станува збор за спорт кој од неодамна и кај нас официјално беше прогласен за спортска дисциплина, а инаку во светот веќе со години е мегапопуларен. Тоа е е-спортот, односно компетитивно играње видеоигри, каде што играчите со употреба на своите ментални и физички способности се натпреваруваат во виртуелна околина.

Популарноста на е-спортот кај нас постојано расте со натпреварите што ги организира Македонската e-спорт федерација (МЕСФ), како што се националните е-спорт лиги и квалификациски турнири за светски и европски шампионати. Првпат во историјата на МЕСФ минатата година се закитивме со златен медал, откако нашата репрезентација во играта Кантер-страјк (CS:GO) стана светски шампион. Истиот тим лани славеше и на Европскиот куп на нациите.

МЕСФ во јануари од Агенцијата за млади и спорт го доби признанието за е-спортот како официјален спорт кај нас. МЕСФ е 66. официјално призната е-спорт федерација глобално, имајќи предвид дека истовремено е и една од десетте првоформирани е-спорт федерации во светот. Македонската е-спорт федерација е формирана во 2009 година и е членка на Меѓународната е-спорт федерација и на Европската е-спорт федерација.

За е-спортот кај нас, неговите почетоци и постојаниот раст што го бележи, поразговаравме со претседателот на МЕСФ, Бобан Тотовски.


Од кога датираат твоите конекции со е-спортот кај нас и дали уште тогаш го препозна потенцијалот за развој што го има овој спорт?

- Од 2002 година, кога почнав да работам во „Ентер“, емисија и списание за информатичка технологија. Набрзо потоа го отворивме „Ентернет“, најголемиот гејминг-клуб во регионов. Во 2005 година првпат ја предводев Македонската е-спорт репрезентација на World Cyber Games во Сингапур. Токму таму го препознав потенцијалот не само кај нас, туку на глобално ниво.

Која е твојата моментална функција во македонскиот е-спорт? Дали си ти еден од основачите на Е-спорт федерацијата и кога се случи тоа институционализирање на е-спортот кај нас?

- Мојата функција е претседател на МЕСФ. Секако дека сум и еден од основачите од 2009 година. Процесот кој траеше 17 години, од визија до реалност, беше полн со предизвици, но постепено ги надминувавме и се развивавме како федерација. Инаку, со официјализацијата се овозможува пристап до финансиски средства како финансирање на спортски активности, со што ќе бидеме во можност да постигнуваме уште подобри резултати и да развиваме повеќе проекти.

За тие што не знаат, што точно претставува е-спортот и колкав е бројот на земји во светот што му го имаат доделено статусот на официјален спорт?

- Наједноставната дефиниција е дека е-спортот е компетитивно играње видеоигри. Има и пошироко толкување во кое се дефинира дека не секоја игра е е-спорт. Потребно е да има организиран систем на натпревари. Бројот на земји во светот каде што е-спортот е признаен во некаква форма е 66. Бројката постојано расте, и за 5 до 10 години очекувам дека ќе биде официјален спорт насекаде.


Лани бевме сведоци на голем успех на нашата Кантер-страјк репрезентација. Какви се официјалните натпреварувања и како ние котираме во светски рамки?

- Историски успех, секако. Е-спорт натпреварите се поделени на 2 категории. Една се професионалните тимови (како и во фудбал), а другата категорија се националните репрезентации. Имајќи го тоа предвид, националните натпревари сѐ уште не се правилно рангирани, систем кој го започнуваме оваа година. Но, нашите Кантер-страјк шампиони сега се на 30. место во светот, што е огромен успех.

Има ли официјална бројка за тоа колку е-спортисти има кај нас и дали воопшто некој што се занимава со овој спорт треба да се регистрира некаде?

- Официјална бројка нема, треба да помине период на регистрација по признавањето за да можеме да креираме вистинска релевантна база на податоци. Во изработка е платформа каде што сите играчи ќе можат да се пријавуваат и ќе добиваат информации поврзани со сите официјални натпревари. Инаку, бројката на гејмери во Македонија е околу 30.000, но тука спаѓаат и секојдневните гејмери што играат само за задоволство.

Кои се предусловите што треба да ги има една земја за да има континуитет во добри меѓународни резултати?

- Едукација, поддршка од државата и посветени професионалци кои не се во е-спортот за да се збогатат. Играчите треба да бидат едуцирани за целиот екосистем, од самиот почеток на нивните кариери, за полесно да ги надминуваат сите предизвици.

Дали има земји каде што е-спортот веќе се практикува како дел од образовните системи и дали тоа би било остварливо и кај нас?

- Да, има. Моментално сум во Индонезија и тука има развиен едукативен систем. Кина, САД, Франција се едни од државите каде што едукацијата за е-спорт е на високо ниво. Кај нас секако дека е остварливо, работиме на тоа да стане дел од нашиот едукативен систем и се надевам дека до 2025 година веќе ќе имаме функционален курикулум.


Има ли овој спорт старосна граница и паралелно со техничката подготовка, каква физичка подготовка е потребна за да се биде успешен?

- Теоретски нема, но практично, по 35-тата година рефлексите се побавни, а тоа е најважно во е-спортот. Што се однесува до физичката подготовка, не знам како да ја потенцирам важноста. Еднакво се важни и менталната и физичката подготовка. Тренинзите се исти, на пример, екипата на Ред бул во е-спорт вежба и тренира на исто место со Ф1-возачите од истиот тим.

Дали постојат шанси е-спортот некогаш да стане дел од Олимписките игри?

- Шанси постојат и е-спортот ќе стане дел од Олимписките игри. Кога во 2005 година тврдев дека е-спортот ќе биде официјален спорт, многумина се сомневаа. Во 2022 година целта е постигната. Потребно е да се смени генерација на луѓе кои носат одлуки во Меѓународниот олимписки комитет. Воопшто не станува збор за критериуми, туку за менталниот склоп на лидерите на спортското движење во светот. Потребно е време, но ќе биде!

Кои се следните чекори и очекувања на МЕСФ, сега откако е-спортот и официјално е спорт кај нас?

Целосно реструктурирање на федерацијата за да бидеме подготвени за сите проекти. Ни требаат постојани вработени бидејќи досега функциониравме само со волонтери. Организирање на Националната е-спорт лига, учество на Европското и Светското првенство годинава и, секако, уште некој трофеј.

фото: МЕСФ


Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема