Едно современо семејство, во просек има две или едно дете, па и односот кон децата е поразличен отколку во минатото, пред се во доменот на психологијата. Заради малиот број на деца, родителите ги доживуваат децата како нешто драгоцено и развиваат интензивен емотивен однос кон нив.
Оваа психолошка последица, има и позитивни и негативни страни. Децата често остануваат до своите доцни 20-ти или рани 30-ти години во домот на родителите, а големи се и материјалните и финансиските, како и емотивните вложувања во децата.
Од друга страна, заради современиот начин на живот и се подолгото и похаотично работно време, родителите поминуваат повеќе време надвор од домот, а помалку со децата. Децата во голема мера се воспитуваат преку училиштата, роднините, а пред се преку медиумите.
Индивидуализмот и материјализмот како доминантна современа вредносна ориентација, влијае на формирање и на денешните родители. Фокусираноста на личните потреби, желби и интереси, од една страна и стекнување успеси, од друга страна, претставуваат основа на овој систем на вредности, Последицата на ваквите животни приоритети е сфаќање на детето како родителски проект. Родителите сметаат дека мораат да вложат напори за да ги развиваат потенцијалите, потребите и интересите на детето, па затоа се трудат често нивните деца да стекнуваат што повеќе знаења и вештини уште од мала возраст, со тоа што посетуваат курсеви за странски јазици, тренинзи за одреден спорт и сл.
Така, во центарот на семејните односи секогаш се децата, а не брачните партнери, што доведува до специфична атмосфера во која секогаш се истакнува посебноста на детето. Затоа, кај детето се развиваат многу негативни психички карактеристики. Се повеќе деца имаат нарцистички и егоистички особини. Исто така, психолозите сметаат дека девата тоа го доживуваат како неподнослив психолошки притисок.
Иако се децата во центарот на вниманието, парадоксално е тоа што родителите не поминуваат доволно време со нив. Тоа доведува до создавање на површни, сиромашни емотивни односи меѓу родителите и децата, а често и до отуѓеност. Родителите, често се обидуваат тој проблем да го надминат со купување подароци. Таквото однесување го продлабочува повеќе јазот помеѓу нив.
Се разбира дека не е секое современо семејство меѓусебно отуѓено. Одредени родители развиваат искрени, длабоки и емотивни односи со децата, поминуваат доволно време со нив и се присутни како подршка, па активно учествуваат во нивното растење.
Автор: Иван Смречник