X
 29.10.2018 Живот

Дино Раџа: Родители, оставете ги децата на мир!

Легендарниот хрватски кошаркар Дино Раџа, поттикнат од несовесните родители кои по секоја цена сакаат нивните деца да бидат успешни во спортот, на својот фејсбук-профил испрати важна порака до нив. Пораката ви ја пренесуваме во целост.

- Ова е нешто што морам да го напишам бидејќи со години ме мачи, но поради неодамнешен настан, сметам дека е неопходно. Ќе избегнам имиња затоа што не сакам никого да рекламирам или да навредувам. Значи, ми се јавува добар пријател и ме прашува дали може да се напијам кафе со еден родител чиј син игра фудбал. Му велам дека немам никаква врска со фудбал, но пријателот е пријател и ајде, прифатив. Се сретнавме и човекот ми кажа дека бара спонзор. Рече дека ако неговиот син тренира во „Најк“ или „Адидас“, различно ќе го гледаат другите. Јас гледав со неверување. Сепак, фино се обидов да го освестам и му кажав дека прво ќе прашам некој пријател што се занимава со фудбал. По неколку дена сфатив сѐ. Детето се сликаше со мене и на инстаграм-профилот ја стави сликата и напиша дека сум негов менаџер и дека сме потпишале договор. Така што, ако слушнете дека се занимавам со тоа, апсолутно НЕ Е ВИСТИНА. Не сакам да се занимавам со тоа ниту во кошарка, а камоли во нешто за кое не знам ништо. И на крај слушнав дека малиот и не е баш некој талент, како што ми беше презентирано. Класика.

Ова е само еден пример што за тоа им прават родителите денес на нивните деца. Каде и да одиш, тие им кажуваат на децата што треба да прават. Сите завршија кошаркарски, фудбалерски, кондициони факултети и сите други потребни за создавање играчи. Кутрите деца се малтретираат и психички и физички во настојување од нив да се направат Меси и Кукоч. Не сфаќаат дека тоа треба да го прават клубовите и тренерите. Не сфаќаат дека на децата им прават проблем во главата, бидејќи не знаат кого да слушаат. Присуствував на натпревар каде што тренерот му вика на детето да му пријде поблиску и да го притиска играчот, додека родителот од трибините вика да се тргне од играчот бидејќи е побрз од него. Сега вие мене кажете ми што се случува во главата на дете од 15 години - „Ако не му се доближам, ќе ме извади тренерот од игра и ќе ми вика, а ако не се тргнам, ќе ми вика татко ми по натпреварот“. И што мислите, што ќе биде од него? Ништо. Разноразни адвокати, сметководители, лекари, месари, фризерки, ѕидари и останати, ве молам оставете ги децата на мир. Поттикнете ги да се занимаваат со спорт, но секоја опсесија со пари и успех е целосно промашување. Спортот со кој се занимаваш прво мораш да го сакаш и да одиш на тренинг секој ден. Сепак, тоа е само игра. Сето друго доаѓа само од себе. Некој што е талентиран, се гледа и од авион. Но, вие родителите не можете да го видите, освен ако не сте се занимавале професионално со спорт.

И за крај, една важна работа - менаџерите треба да работат за играчите, а не играчите за менаџерите.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот