X
 18.06.2017 Живот

Дилема: Која е тајната на успехот?

Ерика Рајшер, клинички психолог, зборува за сопственото искуство кога нејзиниот едногодишен син на подарок добил илустрирана книга со кучето Снупи, со наслов: „Можеш да бидеш сè што ќе посакаш“.  Од страница во страница, илустрациите го прикажувале Снупи во различни изданија и професии: спортска ѕвезда, хирург, пилот и така до недоглед. Облечен во адекватна униформа, Снупи бил и светски познат писател, угледен адвокат... сето тоа во суперлатив, ненадминлив во професијата со која се занимава.


Фото: Pixabay

Рајшер, и како психолог но уште повеќе како родител, има силни забелешки и приговори кон суштината на пораката која е есенцијално и сликовито апострофирана уште на првата страница: „Токму како и Снупи, и вие можете да станете сè што ќе посакате. Она што можете да го постигнете го ограничува само вашата фантазија!“

Токму таа порака – дека сите наши деца можат да постигнат сè што ќе посакаат може да биде многу привлечна за секој родител. Па кој родител не би сакал да верува дека идните достигнувања на неговото сакано чедо се лимитирани само со небото, па го охрабрува немилосрдно да ита кон своите амбициозни цели – да стане врвен лекар или основач на светски позната технолошка компанија, да речеме? Што е она што потенцијално би можело да биде погрешно во ваквиот пристап кон децата да се поттикнуваат навистина да веруваат дека можат да станат сè што може да посакаат? Рајшер вели – многу од тоа.

Пред сè, многу студии покажале дека стремењето кон преамбициозни цели може да биде многу штетно, затоа што кога целата енергија е насочена единствено кон достигнување на целта – во моментот кога работите ќе тргнат во непосакувана насока, тогаш започнува измамата.

Многу современи студии бележат дека децата честопати чувствуваат силен притисок да бидат успешни, како во училиштето така и надвор од него, па голем број од нив признаваат дека мамеле во повеќе наврати. Професорот Доналд Мекејб, познат во доменот на проучување на мамењето, меѓу другото го наведува и следното: „Не сметам дека воопшто треба да се доведува во прашање фактот дека учениците се неверојатно натпреварувачки настроени, под сè поголем притисок, и дека, како резултат на истото се јавува тенденција да даваат сè повеќе од себе, додека возрасните од нивната околина, беспоговорно ги поддржуваат“.

Некои родители со право забележале дека  пораката на Снупи кон децата (...само фантазијата е ограничувањето...) ја нагласува важноста на фантазирањето, наместо да се фокусира на суштинскте вредности како трудот и напорите: многу поважно од замислувањето на целта е напорната работа за да се достигне таа цел. Зборувајќи им дека тие можат сè – без оглед дали фантазираат или напорно работат – се намалува значењето на улогата на приликата во равенката за успех.

Имено, во секоја приказна која зборува за некаков постигнат успех, постои тој „недефиниран зачин“ кој придонел за истиот – добра среќа, судбина, к’смет.  Нобеловецот Даниел Канеман многу едноставно ја илустрирал таа клучна улога на среќата:

Успех = Талент + Среќа

Голем успех = Малку поголем талент + Многу среќа

Иако и самиот Канеман ја потврдува премисата дека вештината е од суштинско значење за успехот, неговиот труд  потенцира дека сепак, среќата ја има подоминантната улога. Ова сознание можеби на сите кои веруваат дека самите си ја кројат судбината ќе им изгледа како горчлива таблетка, затоа што сметаат дека нивната судбина е директен одраз на нивните внатрешни квалитети, способности и вредности.  Она што имплицитно и суптилно се наметнува од ваквиот начин на размислување, води кон сосема поинаква равенка за успех од претходно наведените:

Многу успешно лице = Лице со соодветни особини

Овде не треба многу за да претпоставиме дека или успешните едноставно се родени како „избрани“ личности или пак напорно работеле да го постигнат тој статус.

Но, сепак постојат и такви кои не вложуваат доволно труд за да ги развијат своите потенцијали и да ги искористат приликите – затоа и нивните шанси за успех се минорни; меѓутоа, обратното во овој случај, не важи. Токму како во поговорката: „ ако врне дожд, тротоарот ќе биде влажен, но доколку тротоарот е влажен, не мора да значи дека врнел дожд“. Или попрецизно, оние со просечни биографии не се нужно помалку способни и важни, ниту пак помалку заслужуваат успех.

Неодамна, Њујорк тајмс објави напис за филмската ѕвезда Елен Пејџ, каде таа објаснува како се „судрила“ со среќата. Ловец на таленти го посетил нејзиното средно  училиште, ја чул препораката од нејзиниот учител по глума, и ја вработил. Сè натаму е историја. Елен, без сомнеж, е талентирана актерка, но нејзиниот талент би постоел и во случај да не го постигнеше досегашниот успех. Во самиот напис се напоменува дека „актерката понекогаш се прашува што би било кога тој ден би била отсутна од училиштето, од која било причина“.

Во моментот кога ќе „киксираат“ во нешто, што несомнено е неминовна и вообичаена  ситуација, децата кои се неспособни да ја препознаат изненадната среќа во определени животни ситуации самите ќе се обвинуваат за неуспехот, или пак ќе престанат да се обидуваат, сметајќи се себе за неспособни. И обратно: оние кои ќе забележат значителен успех многу лесно ќе почнат да се преценуваат себеси и сопствените капацитети, сметајќи ги другите за инфериорни или неспособни.

Рајшер смета дека сепак Снупи всушност се обидува да нè потсети дека не смееме да дозволиме да нè запрат социокултурните стереотипи, кои говорат дека девојчињата не можат да станат успешни математичарки, или припадниците на малцинствата не можат да станат успешни директори. Ако се работи за тоа, тогаш Рајшер вели дека сосема се согласува.

На крајот, статистиката вели дека не може секое дете да стане претседател на Уставен суд, успешен спортист или автор на бестселери. Нашата иднина во многу нешта зависи од „сили“ кои се надвор од наша контрола, вклучително и толку споменуваната среќа, а дополнително и од генетиката и некои други варијабли одредени со раѓањето. Сè на сè, многумина од нас ќе бидат просечни во своите успеси.

Затоа, Рајшер прашува: па тогаш, каде е проблемот? Секој од нас треба да се праша зошто толку  ја оплакуваме идејата дека иднината на нашите деца не е семожна и безгранична? Зошто толку луѓе ламентираат над можноста дека нивното дете можеби ќе биде просечно?

Таа смета дека е неопходно да се потенцира дека таа не заговара принцип да не се очекува од децата да го постигнат најдоброто што тие можат да го постигнат, ниту пак дека не треба да се охрабруваат вредно да работат и да бидат истрајни, туку дека фокусирањето на успехот како единствен принцип, претставува „мечкина услуга“ за сите. Кога ќе создадеме такво ментално опкружување дека за вонреден успех се смета сè што е подобро од просечното – односно, дека многу успешните луѓе се подобри и посебни во споредба со просечните – на тој начин истовремено ја намалуваме детската способност да се почитуваат самите себе и другите.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот