X
 12.04.2018 Образование

Еден проект го реши проблемот во образованието во Израел

Ништо не е поважно и помоќно во животот од доброто образование бидејќи тоа ја обезбедува иднината, не само на децата, туку и на општеството. Но, многу земји имаат проблем со образовниот систем бидејќи се потребни револуционерни промени денес кога децата растат во дигитална ера. Израел реши многу проблеми во образованието со помош на проектот „Перах интернешенел“, кој ги соединува децата на кои им е потребна помош и студентите-ментори, кои работат со децата за да ги надминат проблемите.

Проектот е основан во 1974 година, а беше покренат од страна на Институтот за образование „Дејвидсон“, кој функционира во рамките на Вајцмановиот научен институт, кој е водечки израелски истражувачки институт. „Перах“ е многу популарен проект во Израел бидејќи дава одлични резултати. Годишно организира 25.000 студенти од различни универзитети кои работат како ментори во повеќе од 1.200, односно во една третина од израелските училишта, со деца кои се најзагрозени.

Амос Кармели е директор на проектот, кој е еден од најголемите проекти за менторство и едукација на деца од развиени градови, но со загрозена образовна, социјална и културолошка заднина. Тој истакнува дека тие успеале да решат неколку проблеми во образовниот систем на Израел.

- Секоја фамилија во светот сака на детето да му даде повеќе отколку што тоа е способно и отколку што сака. Ние на некој начин сме замена за она што родителите сакаат, но не можат да им го дадат на децата. Тоа не значи дека тие не ги сакаат своите деца, туку не се во можност да им обезбедат сè што сакаат. Затоа ние ги спојуваме студентите од различни универзитети и децата што имаат различни потреби и на кои студентите-ментори им ги пренесуваат своите знаења и работат со нив. Тајната на нашиот успех е едноставноста, структурираниот систем на хиерархија и посветеноста на луѓето, но и тоа што во основа трагаме по основните потреби на човечките битија - возрасните секогаш се обидуваат да ги заштитат децата, да ги научат и да им го покажат патот во животот и тоа е токму она што и ние се обидуваме да го направиме. Ние се обидуваме добрата пракса на проектот, кој во Израел постои веќе 43 години, да ја пренесеме и во другите земји и кај другите луѓе - објаснува Амос.

Мнозинството деца во светот имаат добар образовен потенцијал и би требало да имаат еднаква шанса. Но, тоа некогаш не е можно поради различни причини, а најчесто тоа е сиромаштијата. Затоа проектот „Перах интернешенел“, кој постои во 25 земји во светот, се обидува на своите деца да им обезбеди иста почетна точка преку својата единствена програма ученик-ментор и во тоа е многу успешен. Поголемиот број деца доаѓаат од фамилии кои не можат да им обезбедат сè. Не можат сите родители на своите деца да им обезбедат приватни наставници, да платат приватно училиште, да платат образование... Тогаш на сцената стапува „Перах“. Проектот се обидува да им помогне на тие фамилии и на тие деца да го реализираат здравиот потенцијал што го имаат и да ги зграпчат можностите што им ги нуди светот и тие утре да станат студенти. Но, од оваа програма корист имаат сите - децата, фамилијата, студентите, училиштата, универзитетите, општеството...

- Децата добиваат фантастичен постар пријател, некој што ги слуша, им помага, ги застапува, кој секогаш е тука за нивните потреби и, што е најважно, е пример за здрава иднина. Фамилијата добива бидејќи секој што му помага на нејзиното дете, а децата се најважни на светот, е добредојден. Студентите добиваат животна лекција која нема да ја заборават ни кога ќе остарат. Тоа е искуство за цел живот. Некаде добиваат хонорари, некаде акредитации, дипломи... Самото општество исто така има корист. Ќе ви дадам пример што забележавме: ако само едно дете во одделението има ментор од „Перах“, целото одделение има корист. Како? Ако тоа дете што е најпроблематично и на кое најмногу му е потребна помош има ментор-студент, тогаш тоа подобро разбира што се случува во одделението, подобро е од порано, почесто крева рака на час, помирно е, па и самиот наставник полесно работи со другите деца. Бидејќи во многу случаи таквите деца само седат на час, не учат ништо и им пречат на другите - објаснува Кармели и додава дека училиштата во Израел буквално чекаат ред за студентите-ментори од „Перах“ да отидат и да работат со нивните ученици.

Моќното образование може многу да промени, смета Кармели, кој е во пензија, но целиот живот го посветил на едукација и менторство.

- Колку е моќно образованието покажува и тоа што тоа може да биде искористено на лош начин и да биде злоупотребено. Пример е нацизмот. Но, затоа со добро образование можеме многу да постигнеме - нагласува Кармели.

Моделот на „Перах“ е прифатен на стотици универзитети во 25 земји во светот поради постигнатиот успех.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование