Студентите честопати користат трикови во учењето, но сите трикови немаат ист ефект кај сите студенти. За ефикасно учење, потребно е да се најде пристапот кон учењето кој најмногу му одговара на индивидуалецот. Овој пристап се разликува врз основа на целите што
студентот сака да ги постигне. Така, одредени пристапи се добри за помнење факти, а други за разбирање покомплицирани теории. Постојат неколку главни пристапи што треба да се знаат.
Бихевиористичкиот пристап најмногу се фокусира за однесувањето. Поточно, овој пристап е најдобар за процесот на учење чија цел е да промени нечие однесување. Тој најчесто се користи за добивање практични вештини. Овој пристап става акцент на повторувањето и поттикнувањето, и може да се користи за постигнување стабилност на емоциите и однесувањето.
Фото: Pixabay
Социјалното учење е поврзано со бихевиористичкиот пристап. Разликата е во тоа што со социјалното учење се набљудува однесувањето на другите, наместо да се става фокус на однесувањето на студентот. Овој пристап објаснува зошто децата учат од родителите, односно како тие го повторуваат она што ќе го видат кај другите. Доколку сакате да учите тактики за односи со јавност, овој пристап се препорачува за вас.
Конструктивистичкиот пристап е ефикасен за време на учењето на вештини кои од студентот бараат да биде креативен. Оваа техника става акцент на анализирањето и оценувањето на сопствените дела. Пристапот го става студентот во центарот и тој самиот одредува во која насока треба да се движи. Пристапот е корисен за добивање секакви креативни вештини.
Когнитивниот пристап се фокусира на помнењето. Тој не вклучува „бубање“, туку станува збор за метод кој му помага на мозокот да ја разбере информацијата и долгорочно да ја запомни. Методот е одличен за предмети кои бараат помнење многу информации, но и во истражувањето на одредена тема.
Фото: Pixabay
Практичниот пристап се фокусира на практично учење, без разлика дали станува збор за сведочење настан, станување дел од движење или свесно експериментирање со нови вештини. Пристапот е добар за учење вештини како пливање, свирење на музички инструмент или цртање.
Хуманистичкиот пристап се заснова на добрината на сите луѓе. Тој е најдобар за групно учење, а почнува со охрабрувањето на студентот да се фокусира на вистинските работи. Овој метод е добар за студенти што имаат голема мотивација и не сакаат да бидат контролирани. Овој пристап може да се користи за која било вештина. Она што го прави овој пристап поинаков е тоа што студентот е тој што го контролира учењето.
За да се научи одредена вештина, може да се користат повеќе пристапи истовремено. На пример, когнитивниот пристап може да се користи за учење текст на песна, додека бихевиористичкиот пристап е најдобар за совладувањето на нотите.
Извор:
lifehack.org