X
 17.04.2024 Живот

Сепак би можела да постои чудна врска помеѓу менструалниот циклус и циклусот на Месечината

Ново истражување посочува дека менструалниот циклус на жената е тесно поврзан со внатрешниот часовник на телото, повеќе отколку со промените на Месечината, и покрај културолошките врски меѓу нив.

Научници од Франција и САД откриле дека ритмите на менструалниот циклус веројатно се регулирани од внатрешниот часовник на телото и не зависат само од циклусот на Месечината.

Сепак, сè уште постои слаба, но значајна врска со орбиталниот период на Месечината, што укажува на подлабока биолошка врска која најверојатно е вкоренета во промените на приливот.

Просечната должина на менструалниот циклус, приближно 29,3 дена, е тесно усогласена со лунарниот циклус од 29,5 дена, што историски ги поттикна шпекулациите за некаква можна врска. Во 1871 година Чарлс Дарвин навестил за еволутивното потекло на таквите врски, сугерирајќи дека тие би можеле да потекнуваат од нашите исконски врски со средини кои се под влијание на циклусите на Месечината.

Испитувајќи ги податоците од речиси 27.000 менструални циклуси на жени од Европа и Северна Америка, истражувачите идентификувале „фазни скокови“, каде што менструалните фази се приспособуваат за да се усогласат со надворешниот часовник на телото. Неврологот Клод Гронфиер објаснува дека овој процес заснован на часовникот може да се приспособи за да го скрати циклусот доколку тој стане подолг од која било причина.

Додека гореспоменатото истражување ја нагласува доминацијата на внатрешниот часовник на телото во регулирањето на менструалните циклуси, исто така, откри статистички значајна, но слаба врска помеѓу менструалниот и лунарниот циклус. Интересно е тоа што времето на менструалниот циклус во Европа почесто било во корелација со растечката полумесечина, додека во Северна Америка била повеќе усогласена со полната месечина.

Научниците посочуваат дека разликите во начинот на живот помеѓу континентите, како што се циклусите на спиење и будење, би можеле да ја објаснат варијацијата. Тие предвидуваат понатамошни истражувања во деноноќната медицина, надевајќи се дека ќе ги истражат потенцијалните третмани за плодност и подобро ќе ја разберат генетската регулација на менструалните циклуси.

И покрај претходното истражување кое идентификувало варијанта на ген поврзана со должината на циклусот, остануваат неодговорени прашања за тоа како внатрешниот часовник на телото влијае врз должината на циклусот и феноменот на „фазните скокови“. Авторите на новото истражување сугерираат дека доколку идните студии го потврдат постоењето на внатрешен часовник кој го регулира менструалниот циклус, хронобиолошките пристапи би можеле да направат револуција во третманот на нарушувањата на овулацијата.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот