X
 17.05.2023 Живот

Поплави во Северна Италија: Погледнете како изгледаат градовите

Во поплавите по дводневните обилни врнежи во северните италијански региони Емилија-Ромања и Марке има смртни случаи и предизвикана е штета по должината на јадранскиот брег на земјата.

Провинциите Равена, Форли-Чезена, Римини и Болоња, а особено градовите Фаенца, Чезена и Форли се најпогодени, соопшти италијанската противпожарна служба и посочи дека распоредила 400 пожарникари и одговорила на 600 повици од вчераутро.

Пожарникарите ги спасувале луѓето што останале заробени во нивните домови и возачите заглавени во поплавите. Во градот Чезена, каде што реката Савио се излеа од коритото, службите за итни случаи спасија десетици луѓе заробени на покривите од нивните куќи.
Сликите и видеата направени од противпожарната бригада покажуваат цели улици под вода, одрони од кал што ги блокираат патиштата и полиња кои наликуваат на морски пејзажи. Според Цивилната одбрана, само во Емилија Ромања се излеани 14 реки.

Дополнително, имаше прекини на струја во повеќе области и проблеми со телефонските врски. На терен се и италијанските спасувачки тимови за да помогнат.

Според министерот за цивилна одбрана Нело Мусумечи, околу 5.000 луѓе се евакуирани.

Една жена во Фаенца пријавила дека за 10 минути водата се искачила речиси до првиот кат од нејзината куќа.

Премиерката Џорџија Мелони ја изрази својата „целосна солидарност“ со луѓето во погодените региони.
„Владата внимателно го следи развојот на настаните и е подготвена да ги преземе неопходните мерки за олеснување“, напиша Мелони на „Твитер“.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот