Харвардскиот професор Хауард Гарднер стана нашироко познат пред триесетина години, кога во својата книга Frames of Mind: The Theory of Multiple Intelligences утврди дека тестовите за мерење на коефициентот на интелигенција (IQ) се ограничени и недоволни за испитување на начија интелигенција затоа што испитуваат само еден вид интелигенција – математичко-логичка, а ги занемаруваат останатите различни интелигенции и таленти кои „лежат“ во секој човек.
Почетната претпоставка на неговата теорија за повеќекратна интелигенција упатува дека секое дете поседува некаков талент и дека би требало сите школски системи да се реформираат на начин да ги поттикнуваат потенцијалите кои децата ги носат во себе.
Пред десет години излезе уште една револуционерна книга на Гарднер, со наслов Five Minds for the Future, првенствено наменета за деловни луѓе. Во неа, поаѓајќи од визионерската изрека на Черчил дека царевите од иднината ќе бидат цареви на умот, тој идентификува пет типови умови кои ќе владеат во 21 век.
„Светот на иднината, со раширен интернет, пребарувачи, роботи и други електронски извори, ќе изискуваат капацитети кои до сега беа само можности. Мораме да почнеме да развиваме нови начини на размислување за да можеме да се снајдеме во новиот свет“, наведува Гарднер.
Тој ги наведува следните пет типови умови за 21 век:
1. Умот на дисциплината
Важно е човек да поседува солидно темелно и општо образование од историја, наука и уметност, но уште поважно е притоа да биде специјализиран за една дисциплина, професија или вештина. Секоја дисциплина има сопствени начини на кои ги проучува идеите, сопствен речник, сопствени концепти кои треба да се сфатат и разберат, за да може да се постигне сериозен фокус во таа област.
Како се развива умот на дисциплината?
Се вели дека потребни се 10.000 часови концентрирана работа за да може човек да стане експерт во некоја област. Но, ни тоа не е доволно. Информацијата сама по себе не е постигнување, таа е само почетна тула за изградба на разбирање и натамошни знаења. Постојат четири чекори за развивање на умот на дисциплината:
* препознај ги темите и концептите кои навистина се важни во дисциплината со која се занимаваш;
*задржи се на тоа што е важно, проучувај го, проширувај го, продлабочувај го;
*испитај го тоа од разни страни, од сите агли, за да добиеш целосна слика;
*примени го тоа разбирање за решавање на проблеми во различни услови.
2. Синтетизирачки ум
Синтетизирачкиот ум е способен да пронајде смисла во неповрзани информации кои ги прима од најразлични извори и подрачја, успешно ги поврзува, објективно ги проценува и спојува во целина која има смисла и за него, но и за околината.
Како се развива синтетизирачкиот ум?
Оние кои не знаат да синтетизираат се губат во море од информации и не се во состојба да ја видат големата слика. Синтетичкото размислување е вештина без која е невозможно да се стане водач или раководител. Синтетизирачкиот ум се развива со запишување на идеите кои те привлекуваат за потоа да можеш да ги пронаоѓаш и спојуваш, правејќи синтези, таксономии, теории, воочувајќи ги алгоритмите и сложените концепти. Звучи комплицирано? Ок, тогаш може и вака: составувај правила и афоризми, смислувај моќни метафори, аналогии, слики, теми, концептурализирај ги мислите невербално: преку скици, со графички прикази... Синтетизирачката мисла ја применуваме кога се подготвуваме за испит, организираме белешки, кои се корисни и за нас и за другите.
3. Креативен ум
Креативниот ум открива и разјаснува создавајќи нови идеи, ги решава новите и старите начини на нерешливи проблеми, поставува нови прашања, доаѓа до неочекувани одговори...
Како се развива креативен ум?
Секој ден пробувај нешто ново, играј си. Набљудувај, чуди се и откривај, поставувај сопствени прашања, размислувај поинаку од вообичаениот начин. Тргни од туѓа идеја па растегни ја, замрзни ја, исушиј ја, прошири ја, прекрои ја, рециклирај ја, прошири ја, стесни ја... Осмислувај самостојни проекти, осмисли некој сопствен производ, решение, покрени некаква сопствена иницијатива. Важно е денес да се знае креативно да се мисли: оние кои не знаат креативно да размислуваат, ќе ги заменат компјутерите.
Да се охрабри креативна мисла е најважна задача на денешните учители затоа што таков начин на размислување е најпотребен во животот. Да се препознаат, да се поттикнат, да се засилат различните таленти на учениците, тоа е иднината, идејата за напредно образование.
4. Внимателен ум
Начин на размислување кој ја почитува различноста, настојува да ги разбере другите, да соработува со нив, да се приспособува, да се разменуваат идеи и да се учи од нив.
Како се развива внимателен ум?
Дружи се и учи од луѓе кои не се од твојот круг, од оние кои се комплетно различни од тебе. Вклучувај се во различни друштва. Внимателен ум се развива преку заедничка работа со колегите, менторите, стручни лица од која било област, со други луѓе. Почитувај ја сопствената и туѓата различност и особеност, туѓото време, туѓиот труд, туѓите идеи... Внимателните умови се полни со разбирање и почитување за разликите меѓу луѓето и културите. Кој не знае да ги почитува другите, нема да добива почит од нив.
5. Етички ум
Етичкиот ум смислува како да се работи нешто кое е поголемо од нас самите и нашите тесногради интереси, над себичноста. Етичкиот ум чувствува одговорност кон заедницата, заедничкото добро, соживот, заедничката планета.
Како се развива етички ум?
Со споделување, организирање, учествување, преземање одговорност: споделување на знаења, идеи, задачи, споделувања преку социјалните мрежи... ; со организирање на акции за општо добро или учество во нив; преземање одговорност за она врз кое можеме да влијаеме. Мисли глобално, дејствувај локално. Несебично.