Излегувањето на Велика Британија од Европската Унија им даде шанса на лидерите да преговараат за нови трговски зделки и можеби и да забранат одредени производи, како крзното. Активистите за заштита на животните долго се залагаа за ова, а неодамна објавено писмо од британскиот секретар за животна средина Џорџ Јустис покажува дека владата ќе ја разгледа оваа опција.
Како што пренесуваат британските медиуми, Јустис му напишал писмо на извршниот директор на Британската асоцијација за трговија со крзно во кое се вели дека откако земјата ќе постигне договор за трговија со ЕУ, ќе се размислува за следните чекори во врска со продажбата на крзно. Јустис претходно јавно говорел за забранувањето на крзното, па затоа писмото се смета за позитивен знак.
Фото: Pixabay
Доколку Велика Британија навистина ја забрани продажбата на крзно, ова може да биде крај за автентичните капи што ги носат припадниците на Кралската гарда, најчесто стационирани пред Бакингемската палата.
Овие капи, високи 45 сантиметри, се прават од крзно од црни мечки кои се убиваат во текот на
годишното ловење црни мечки во Канада. Овој годишен настан помага во одржувањето на бројот на црни мечки во земјата. Британското министерство за одбрана купува до 100 нови капи за гардата секоја година.
Фото: Pixabay
Традицијата за носење на овие ексцентрични капи датира од битката кај Ватерло во 1815 година, кога војниците на царската гарда на Наполеон носеле слични капи за да изгледаат повисоки и позастрашувачки. Велика Британија ги прифатила капите како симбол на победата над Французите.
Но дури и доколку Велика Британија го забрани крзното, Кралската гарда може да го задржи обичајот. Сепак, има многу видови лажно крзно што може да се искористат, а и кралицата Елизабета Втора била забележана како носи крзнени производи во 2019.
Автор: Елен Гутоски
Извор:
mentalfloss.com