Луѓето не треба да гледаат директно во Сонцето во ниту еден ден, а камоли за време на затемнување на Сонцето. Сепак, хипермодерната технологија на НАСА нема такви ограничувања. Нејзината опсерваторија за соларна динамика (SDO) го следи, фотографира и го проучува Сонцето од вселената.
Овој високотехнолошки центар за набљудување направи неверојатни снимки од затемнување на Сонцето на 29 јуни 2022 година - глетка која не може да се спореди со ниту една на Земјата.
SDO е
мисија на НАСА за документирање и истражување и на вселената и на
Сонцето. Опсерваторијата беше лансирана во февруари 2010 година како вселенско летало под партнерство на НАСА и Националната управа
за океани и атмосфера. Сончевите блесоци и короналните масовни исфрлања
се од особен интерес за мисијата.
Со своите механизми за сликање со голема моќност, SDO ја сними Месечината како минува меѓу неа и Сонцето. НАСА сè уште официјално нема дадено изјава за небесниот настан, но вселенските ентузијасти забележуваат дека гребените на Месечината биле осветлени од Сонцето, вклучувајќи ги планинските венци Лајбниц и Доерфел.
Целиот феномен траел околу 25 минути. Месечината блокирала околу 67 отсто од пламената површина на Сонцето и ова е можеби најблиската слика на површината на Сонцето што многумина ја виделе.
Ваквите фотографии можат да им помогнат на научниците да го набљудуваат Сонцето и да научат повеќе за неговите магнетни својства, но исто така можат да им помогнат и да научат нешто повеќе за оптиката на самиот телескоп.
За нас другите, овие фотографии се уште една шанса за восхитување на величественоста на нашиот Сончев Систем.