Ново истражување открива дека постои голема разлика во тоа како луѓето во одредени земји стареат. Институтот за здравствени метрики и евалуација спроведе анкета за да дознае од кои земји граѓаните најдолго остануваат здрави како стари.
- Ова е важно економско и културолошко прашање. Здравствените проблеми поврзани со стареењето може да доведат до предвремено пензионирање, помалку сила за работа и повеќе трошоци за здравствена заштита. Политичарите што ја водат државата мора да знаат кога нивното население почнува да ги чувствува негативните ефекти на стареењето - објаснува Анџела Ј. Ченг, автор на истражувањето.
Истражувањето покажува дека најдобро се старее во Швајцарија. Постарите луѓе во Швајцарија се најздрави во светот. Швајцарците успеваат да ги одложат болестите што влијаат врз населението на 65 години повеќе од 11 години. Тоа значи дека имаат 76 години кога почнуваат да чувствуваат болести поврзани со стареењето, кои луѓето од повеќето земји ги чувствуваат порано. Причините за добриот резултат се првокласната здравствена заштита: оцената за пристапот на здравствената заштита и квалитетот им е 95,6 од можни 100.
Освен тоа, Швајцарија е една од најсреќните земји во светот, според најновиот извештај за среќата низ светот. Поради социјалната поддршка, високата очекувана долговечност, слободата на животни избори, Швајцарија се најде на шестото место покрај Финска, Норвешка, Исланд и Данска. Децениските истражувања покажуваат дека оптимизмот и среќата го намалуваат ризикот за многу болести.
Втора на листата со здрави земји е Сингапур. Како Швајцарците, така и луѓето во Сингапур стареат подобро од просекот. Околу седумдесет и шестата година од животот почнуваат да ги чувствуваат симптомите на „старечки“ болести. На Американците им успева да ја продолжат појавата на симптомите дури три години над 65. година од животот. Причината за долгиот живот на Сингапурците е во извонредната здравствена заштита. Во Сингапур постои единствен јавно-приватен систем што според Светската здравствена организација е шести во светот.
Сингапурската влада има практичен пристап кон здравствените навики на населението. Со нејзината програма поздравата исхрана е поевтина на многу места каде што се јаде надвор, им се даваат бесплатни бројачи на чекори на граѓаните и парични награди на оние што ја зголемуваат својата физичка активност.
На трето и четврто место се Јужна Кореја и Јапонија. Граѓаните на овие две земји успеваат да ги одложат болестите поврзани со стареењето за 10 години. Главната причина е што овие земји имаат најмал број на дебели луѓе во светот, само 3 до 5 отсто, а просекот обично е 20 отсто. Тие имаат и најмалку срцеви болести, најверојатно поради начинот на исхрана. Јапонија е позната како една од светските сини зони, регион каде што луѓето живеат 100 или повеќе години.
На петто место е Италија. Иако оваа земја има голем број пушачи, Италијанците стареат побавно и се поздрави од другите нации, а староста ја одложуваат за приближно 10 години. Исто како Швајцарија, Италија има речиси совршена оцена за квалитетот на пристапот до здравствената заштита, што значи дека граѓаните имаат одлична здравствена заштита кога им е потребна.
Медитеранската исхрана е уште еден клучен фактор за добро здравје. Италија е и дом на движењето „бавна храна“ што се спротивставува на движењето „брза храна“, нагласувајќи ја важноста на домашната кујна и на квалитетот на храната во однос на практичноста.
- Брзата исхрана не е дел од нашата култура, нашите оброци се опуштени и за време на паузата за ручек - велат Италијанците.
Земји во кои старите луѓе се 14 години постари од просекот
Најлоша е ситуацијата во Папуа Нова Гвинеја, земја од 7 милиони жители на Јужниот Пацифик. Здравствените услови се очајни, очекуваниот животен век е 61 година за жените и 56 за мажите. Земјата е богата со природни ресурси, бакар, злато, нафта, но, сепак, недоволната исхранетост е главниот фактор што ја забрзува стапката на смрт. Медицинскиот систем е во колапс, нема лекови и нема уреди.
Во пораст се болести што можат да се спречат, полио и туберкулоза. Покрај нив, лошо е на Маршалските Острови, Вануату, Авганистан и Соломонските Острови. Тажно е што луѓето во овие земји развиваат симптоми на болести поврзани со стареењето 11 до 14 години порано од просекот. Во нивната 50. година се чувствуваат како да имаат 65. години.
Причината за тоа е лошата здравствена заштита, сиромаштијата и недостигот на образование. Во Авганистан постојаниот воен конфликт е главна причина за рано стареење.