X
 17.08.2019 Живот

Оваа футуристичка болница ја нуди природата како лек

Прекрасниот поглед кон градината и природните пејзажи обично не се нешто што ви паѓа на памет кога ќе помислите на болница. Но, болницата „Ку Тек Пуат“ во Сингапур го менува сето тоа.

Кога станува збор за преиспитување на здравствената заштита и менталната состојба на пациентите, болницата „Ку Тек Пуат“ има неверојатни услови и нуди неверојатна грижа за своите пациенти.

Во 2005 година „Си-пи-џи корпорејт“, компанија за дизајн со седиште во Сингапур, била задолжена да создаде болница што ќе го намали крвниот притисок на посетителите.

- Како да допреме до идејата да ги деинституционализираме болниците и да направиме да изгледа и да мириса не како болница, туку како нешто друго? Сметавме дека најдобриот начин да се стори тоа е да се интегрира природата во просторот.

Болницата, која ги отвори вратите во 2010 година во северен Сингапур, го маскира мирисот на лекови и хемикалии со над 700 вида миризливи природни растенија. Во лобито звуците на машините се маскирани со песните на птиците во централниот двор. И наместо да минуваат низ стерилни бели ходници, пациентите и докторите поминуваат низ отворени мостови обвиткани во зеленило.

1

Во Сингапур медицинските згради имаат повеќе нивоа на соби за пациенти (на таков начин земјата ја одржува својата евтина здравствена заштита). Некои од нив се приватни и имаат климатизација, други имаат до пет кревети и се потпираат на природна вентилација. За да се осигури дека сите пациенти се чувствуваат удобно, без оглед на тоа колку плаќаат за да престојуваат таму, болницата „Ку Тек Пуат“ повторно ја користи природата. Дизајнирани се нови прозорци што можат да се отворат пошироко за да овозможат поголем проток на воздух и да обезбедат секој пациент да го види зеленилото од својот кревет.

За време на оброците, на пациентите им се дава органска храна одгледувана во огромна градина на покривот. Понеделник е денот кога не се јаде месо, па на пациентите им се полнат чиниите со овошје и зеленчук.

- Нашата идеја е да создадеме целосно здраво опкружување. Не само за пациентите, туку и за персоналот. Тоа е дел од целиот систем - велат креаторите.

Сето ова го наметнува прашањето: Со целокупното зеленило, природната средина, дали пациентите побрзо заздравуваат во оваа футуристичка болница?

Иако сè уште не постојат доволно докази што ќе го поддржат ова тврдење, од болницата велат дека пациентите го ценат уникатниот дизајн на болницата. Секако, постојат и истражувања што покажуваат дека зеленилото и природната средина помагаат во закрепнувањето. Истражување од 2008 година открива дека пациентите кои во своите соби имале растенија имале помал крвен притисок и пријавиле помалку болка, вознемиреност и замор отколку пациентите што немале растение. Друго истражување од 1984 година заклучило дека болничките простории што имаат прозорци со поглед кон природата им помогнале на пациентите побрзо да закрепнат од операција отколку оние што немале никаков поглед.

Фотографии: Khoo Teck Puat Hospital
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот