Иако е лето и се очекува вирусите кај децата малку да стивнат, многу деца не останаа имуни на вирусите, ни на горештините. Повеќето од децата лесно го поминуваат коронавирусот, со полесни симптоми, а кога станува збор за постковид-компликации, исто така, не се значително забележани, ниту пак докажани.
Со доктор Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар, разговараме на тема постковид-компликации и на што нѐ научи пандемијата кога станува збор за најмладите.
– Компликациите се помногубројни доколку станува збор за организми кои се со доста присутни коморбидитети. Искуството кај децата покажа дека посебни покомплицирани последици, со емпириска и научна основа и анализа, не се докажаа. Секако дека децата што имаа одредени заболувања поминаа со потешка клиничка слика, но и процентот на летални случаи кај децата никогаш не се покачи во споредба и со светската инциденца, а кај нас дури можам со сигурност да кажам дека имаше само неколку случаи со летален исход, што означува дека децата беа навреме заштитени и дека поминаа со лесна проблематика – споделува доктор Ангелчо Андоновски.