X
 15.08.2016 Култура

Зошто читањето со вашите деца е најважната активност?

Живееме во еден мрачен свет исполнет со страшни вести, пукање, терористички напади, смрт, повредени - проблеми за кои многу родители е тешко да разговараат со своите деца. Ова не се настани кои можеме да ги игнорираме бидејќи децата забележуваат дека работите не се како што треба.

Постојат многу начини како да се разговара со децата за страшните вести и новости, како да им се објасни смртта и лошите настани кои ги опкружуваат. Меѓутоа, едно нешто е најпродуктивно: читањето на децата ќе им овозможи да го сфатат светот и ќе им покаже како да бидат дел од решението.

„Кога им читате книги на глас, од нивните изрази можете да заклучите дека тие чувствуваат емпатија со ликовите од приказните. Тие сфаќаат дека ликовите имаат чувства“, вели Шарон Роулинс, специјалист во младинската служба во Државната библиотека во Њу Џерси.

Kaко што наставниците сметаат дека читањето донесува голем број придобивки, така и читањето на глас може да биде одлична лекција. Не само што читањето на глас е значајно за развојот на децата, тоа исто така им помага на луѓето да разговараат за поголеми проблеми, да размислуваат подлабоко за чувствата на другите луѓе и да помогнат во решавањето на проблеми.

Секако, нашите деца не се толку оптоварени со вестите како возрасните. Но, од време на време постои по некое детенце кое ќе ве шокира со своите прашања - тогаш ние возрасните се изненадуваме со она што тие го знаат и за што се грижат.

Книгите можат да ги научат да бидат љубезни и да развијат емпатија, тие им покажуваат на децата дека можат да ги пребродат тешките ситуации и дека децата можат да го променат светот. Книгите не мора да се конкретно на оваа тема, меѓутоа поголемиот дел од нив им покажуваат на децата што значи да се биде силен, љубезен и човек кој знае да решава проблеми.

Времето кое ќе го поминеме читајќи им на нашите деца не само што ќе им помогне во нивните вештини за читање, разбирање и вокабулар, туку и ќе ја зајакне нивната емоционална интелигенција. Постојат голем број приказни кои им покажуваат на децата дека можат да бидат силни и кои им помагаат да сфатат дека светот не е совршен, меѓутоа тие можат да го направат подобро место за живеење. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура