X
 15.01.2019 Технологија

Наместо да им понуди образование и учење, „Гугл“ сака да ги направи децата зависни од гуглање

Неодамнешно истражување спроведено од професори на британските факултети покажува дека голем број нови студенти се неподготвени за учење и за напорите што ги чекаат на повисокиот степен на образование, при што голем дел од нив истакнале дека главниот виновник за ваквата неподготвеност е „менталитетот на гуглање“. „Гугл“ и постојаната достапност на информациите во секој момент на секој уред и тоа како влијаат врз помнењето, па многу луѓе повеќе и не се трудат да ги запомнат информациите бидејќи можат брзо и едноставно да ги пронајдат на „Гугл“.

Освен што студентите не можат да ги запомнат фактите и новите информации, голем број професори сметаат дека тие не можат да мислат и да учат независно, ниту можат да управуваат со своето време и задачи.

гугл
Фото: Getty Images


Минатата недела „Гугл“ се најде на удар од членовите на британскиот Парламент поради огласувачките кампањи со кои на младите им се порачува дека не мора да се грижат околу правописот и граматиката кога го имаат „Гугл“. Во спорните огласи младите се поттикнуваат да ги пишуваат имињата онака како што се изговараат, а не како што се пишуваат правописно бидејќи „Гугл“ ќе препознае што сакале да пребаруваат и ќе им понуди резултати на нивните прашања.

На што точно се мисли во рекламата, најдобро може да се види од примерот на пребарување на главниот град на Исланд - во рекламата на „Гугл“ во полето за пребарување е напишано „What to do in Rakeavic“, додека „Гугл“ овој поим во своето пребарување го впишал како „Showing results for what to do in Reykjavic“.

Од „Гугл“ велат дека технологијата не е наменета за замена на тешката работа и дека не сакаат да поттикнат потпирање исклучиво на технологијата, а со спорната кампања само сакале да ги покажат корисните можности на пребарувачот.

Роберт Халфон, член на Парламентот, во разговор за медиумите изрази разочарување од ваквите реклами со кои „Гугл“ им порачува на децата дека не мора да учат граматика и правопис кога го имаат нивниот пребарувач.

- Создаваат култура на зависност, зависност од интернетот. Тоа е сосема грешно, треба да се срамат од тоа - вели Халфон и додава дека „Гугл“ треба да ги учи децата сосема спротивни работи, односно самите да научат правилно да пишуваат, а не да се потпираат на алгоритам за да го направат тоа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија