X
 17.08.2022 Наша тема

Гледањето серии е одлично оправдување да не се прави ништо, вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска

Сериите се евтина забава, одлична заштита да не се разговара со некој со кого не сакаш да разговараш. Лесен начин за бегање од реалноста, вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска

Популарноста на турските серии во нашата земја сѐ уште е од големи размери. Турските серии се присутни во многу семејства. Голем дел од популацијата не пропушта ниту една епизода, рутински ги чека термините да почнат. Според психологот Мирјана Јовановска Стојановска, не само турските серии, туку зависноста од телевизиските серии воопшто има само негативен исход врз популацијата.



Градење вредности врз ликовите од сериите

Би било интересно да се направи едно сеопфатно истражување на цела територија на Македонија кое ќе има цел да одговори на прашањето: Какво влијание имаат турските серии врз луѓето што ги следат?

- Без такво истражување ние никогаш нема точно да знаеме да одговориме на овие прашања. Но, можам да одговорам како телевизијата и телевизиските серии влијаат врз гледачите според истражувања што се направени во други држави, а најмногу во САД. Телевизиските серии имаат влијание врз лицата што ги гледаат исто како и сè друго со што се занимаваат. Прво им го пополнуваат времето кое како да им е вишок, па го поминуваат пред телевизор. Ја намалуваат нивната физичка активност и комуникација со блиските - роднините и пријателите. Ги градат ставовите и вредностите на луѓето што ги гледаат. Влијаат врз нивните фантазии, соништа и внатрешниот ментален живот - посочува психологот Мирјана.

Мирјана Јовановска Стојановска

Поголема анксиозност, поголема склоност кон серии

Според неа, влијанијата и последиците од телевизиските серии можат да бидат физички, психолошки и социјални.

- Седењето пред телевизор ја отежнува и ја намалува циркулацијата на крв во нозете и во преостанатиот дел од организмот, ја намалува силата на мускулатурата затоа што долгото седење може да доведе до атрофирање на мускулатурата. Гледањето серии е лесен начин за бегање од реалноста. А нерешените ситуации, емоционални и релациски проблеми остануваат да постојат и да акумулираат негативна енергија. Колку е поанксиозно лицето, толку  е посклоно да се сврти кон телевизиските серии и да проба на тој начин да избега, да си даде забава, да заборави - истакнува Јовановска Стојановска.



Како позитивна страна или предност од телевизиските серии, таа ја посочува евтината забава.

- Без да потрошиш денар може да се отпатува на некое друго место со други проблеми, со други луѓе. Одлична заштита е да не се разговара со некој со кого не сакаш да разговараш. Одлично оправдување да не се прави ништо. И најважно, тоа е некое задоволство од присуството во туѓите приказни и животи. Пронаоѓање некои заборавени потиснати делови за кои мислеле дека не им се повеќе важни. Негативни страни се намалено движење, намалена комуникација во семејството и надвор од семејството, физичко-здравствени последици од долгото седење, немање целосен контакт со реалноста... Моите препораки до граѓаните се секој да си размисли за себе што добива, а што губи со седењето пред телевизор. Да одговори дали токму тоа му е потребно. И кога ќе открие што всушност му треба, да проба да го добие тоа што го сака - категорична е Мирјана.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема