Покрај критиките, номинациите и наградите, за интересот за одредени серии сведочи и бројот на пребарувања, а според „Гугл“, првите три најпребарувани наслови се - Baby Reindeer, Fallout и House of Dragon.
Не е чудно што серијата „Бејби рејндиер“ се најде на врвот на листата бидејќи е поврзана со одредени контроверзии, па сигурно дека гледачите сакале да дознаат повеќе. Понатаму, „Фолаут“ се вбројува меѓу најдобрите серии на годината и е прогласена за најуспешна екранизација на видеоигра. Славата на серијата „Куќата на змејот“ не згаснува, па затоа е јасен нејзиниот висок пласман во ова рангирање.
На четврто место е индиската историска серија „Хераманди: Дијамантски базар“, додека петтото место е за најдобрата серија на годината – „Шоуган!“ Шестото место ѝ припадна на успешната „Совршената двојка“ на „Нетфликс“, што секако може да се должи на популарноста на актерската екипа. Следните две места им припаднаа на две корејски серии – „Кралицата на солзите“ и „Омажи се за мојот сопруг“.
Деветтото место ѝ припаѓа на уште една одлична серија - „Проблемот на трите тела“. Последното место во топ-10 го зазеде најголемиот хит на есента – „Никој не го сака ова“.
А накратко погледнете за што се работи во трите наслови од азискиот континент:
„Хераманди: Дијамантски базар“
Поставена на заднината на движењето за независност на Индија од британското владеење, ги следиме животите на куртизаните во познатиот кварт на црвените светла Хера Манди во Лахоре. Политички и љубовни интриги и превирања го карактеризираат овој наслов што го гледаме на „Нетфликс“.
„Кралицата на солзите“
Новата корејска романтична серија „Кралицата на солзите“ собра голем број позитивни критики. Серијата се фокусира на брачен пар кој се обидува да ја надмине брачната криза и повторно да ја разгори страста. Според гледачите, раскажува прекрасна, возбудлива и хумористична приказна во која љубовта ги надминува сите препреки. Можеме да кажеме – мексиканска сапуница, но на корејски начин. Вреди да се напомене дека серијата веќе се најде на листата со најуспешни и најдобро оценети корејски серии по нејзината премиера. Достапна е на „Нетфликс“.
„Омажи се за мојот сопруг“
Пред нас е уште еден корејски блокбастер, иако треба да се напомене дека постигна нешто послаб резултат од претходниот. Во него ја следиме главната хероина, која добива шанса да ги исправи сите нејзини животни грешки. Имено, откако таа ќе стане жртва на нејзиниот сопруг, кој цело време ја изневерувал со нејзината најдобра пријателка, таа е вратена 10 години назад во минатото. Таа има нова шанса пред себе... Серијата е достапна на платформата „Прајм видео“.
Извор: journal.hr
Фото: YouTube screenshot