X
 23.11.2019 Наша тема

Мобинг - како да го препознаеме, да се зајакнеме себеси и да одговориме на предизвиците со кои се соочуваме на работното место

Факт е дека секое наше однесување е научено, но добрата вест е дека сѐ што е научено може да се замени со учење ново искуство.
И да се биде во улога на жртва е научено однесување.


(Пишува психолог Марија Аџиоска)


Луѓето често пати знаат да кажат дека се чувствуваат вознемирени на работното место. Кога подолго време остануваме во таа состојба на вознемиреност и непријатни чувства, тоа може да предизвика нарушување на нашето здравје.
Во истражувањата поврзани со стресот кој се доживува на работно место сè почесто се среќава терминот мобинг, кој се објаснува како психичко насилство на работно место.
Тешко е да се направи разграничување помеѓу приватниот и професионалниот живот. Она што се случува на работа се рефлектира и врз релациите со семејството и, за жал, негативните емоции и фрустрации жртвата на мобинг ќе ги испразни на најблиските.
Но што во суштина е мобинг? И како ние дозволуваме да бидеме мобирани?
Факт е дека секое наше однесување е научено, но добрата вест е дека сѐ што е научено може да се замени со учење ново искуство.
И да се биде во улога на жртва е научено однесување.



Дома жртва, на работа жртва, во релациите со другите жртва, насекаде жртва....
Дали тоа ни го прават другите или со тоа што не сме поставиле јасни граници самите се носиме во позиција на жртва и остануваме на тоа место.
Не го негирам фактот дека постои мобинг, но што ќе направиме во врска со тоа - од нас зависи. Реалноста е таква каква што е. Ние не можеме да ја менуваме. Но можеме да создадеме нова реалност за нас.
Сопственото достоинство е најважно и никој не би требало да трпи ниту еден ден навреди, понижувања и манипулирања на работа.
Наместо да се жалиме и да се фрустрираме, конструктивно би било да застанеме и да поразговараме со нашиот шеф или колега за тоа како ние го интерпретираме неговото однесување. Доколку на таков начин не наидеме на разбирање, да не заборавиме дека најголемата моќ што ја имаме е свесноста дека имаме избор. Сѐ е личен избор. Ниту еден избор сам по себе не е добар, ниту лош и ние сме одговорни за сопствените избори. Дали ќе стоиме на страната на проблемот или на страната на решението, сами одлучуваме.

КОГА НИЕ РАСТЕМЕ, С́Е СЕ МЕНУВА!

Како да го постигнеме тоа?
Секако, со личен развој, едукација и работа на себе со помош на психотерапија, коучинг, невро-лингвистичко програмирање (за проучување на интерната комуникација со цел остварување добра комуникација со луѓето околу нас), јога, медитација, техники на дишење, спортување, правилна исхрана и уреден ритам на спиење.

Важно е кај организациите да се развива свесноста за грижата и развојот на луѓето. Обуката или тренингот за менаџерите и вработените освен што овозможува промени во специфични знаења, способности и вештини, прави промена и во ставовите и во уверувањата.
Кога ќе ги промениме ставовите и уверувањата што ги носиме во себе, тогаш ќе се промени нашето однесување и ќе се зајакнат моралот и тимскиот дух. Само на тој начин организацијата ќе биде подготвена за нови деловни предизвици и за остварување на посакуваните резултати.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема