X
 25.11.2020 Наша тема

Колумна на проф. Мирослав Пендароски: Утре можеби нема да дојде

Никогаш не е доцна, само додека свесноста сè уште ја пече душата нагонувајќи ја да го рече тоа што сече сè додека не го пуштиме да тече... Макар и во инаква форма... Важна е содржината... Кога таа постои, ќе се најде форма што ќе ја изнесе на виделина!

Автор: Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор

Едно младо момче со кое работев ми раскажа едно свое искуство. Парафразирано оди приближно вака:

„Еднаш одамна излегов во паркот со една девојка која многу ми се допаѓаше. Денот беше прекрасен, како и моето искуство тоа мајско попладне. Сè беше идеално срочено како во најубавите љубовни романи. По долгите часови поминати заедно, таа ме замоли да ја испратам до нејзината куќа. Кога дојдовме до прагот, таа се заврти и со копнежлив поглед ми рече: „Нема ли сега да ме бакнеш?!“ Ја погледнав во големите очи за кои не знаев дека повеќе нема да ги видам, ја сведнав главата и, мислејќи дека одложеното задоволство е поголемо, исполнет со чудна самодоверба изустив: „Сега не е вистинскиот момент!“ Таа ја отклучи вратата од својот дом, се заврти и со сериозен поглед исполнет со чуден наплив на претчувство ми рече: „Утре можеби никогаш нема да дојде!“ Никогаш повеќе не ги видов големите очи, ниту пак ја сетив нејзината свежа миризба. Многу наскоро само начув дека некој друг ја држи нејзината рака и ги пие соковите на љубовта кои јас не умеев да ги вцицам во вистинскиот миг. Не поминува ниту ден без да помислам на тој молебен поглед и на лекцијата што ми го смени животот засекогаш“, заврши момчето.

Не така одамна, пишував на тема недоискажаност, но тоа беше повеќе од аспект на недоискажаноста кон надвор, тогаш кога таа нема да биде побарана од нас или, рампата на способноста да се чуе она што сакаме да го искажеме ќе биде дигната високо над нашите потреби да ја овоплотиме во манифестна форма на постоењето.

Овој пат пишувам за внатрешните пречки на искажувањето, она што сами си го предизвикуваме, најчесто не знаејќи како, зошто и поради што.

Па, еве зошто:

- Затоа што НЕ знаеме што да кажеме од сето што тежи, навира, притиска и пече – затоа што... некој (а секогаш ќе има таков!) ќе се сневесели од искажаното и нешто лошо ќе ни рече! Оти нели, сè што ќе се рече, тече ама и пече, влече со себе сè и сешто, а некогаш нам ни останува едно големо ништо!

- Затоа што и кога знаеме што е тоа што сакаме да го кажеме, не знаеме како – поради постојаното барање начин, а богами и зачин да го кажеме тоа без да биде сфатено вака, онака или некако веќе под и онака смраченото небо на сеопштата (не)доверба во нечие искажано сопствено (и без да се грижи за нашето) мислење.

- Затоа што и кога знаеме, ете, доаѓа она филозофско зошто?! Немањето смисла (барем лична) за поентата од искажувањето нѐ остава во една етапа на двоумење, кое, нели, секогаш завршува неславно во корист на искажаното!

- Затоа што сакаме искажаното да биде и разбрано оти, нели, неразбраното кажано отпосле ни доаѓа како печење на совеста со прашањето – а дали требаше?! Од каде јас па да знам дали вредеше кога и ти самата/иот не знаеш?! Дали требаше?! Сè што научив е дека ако не пробаш, нема ниту да знаеш!

Како?! Еве вака:

- Со когнитивната шема на себеодрекувањето при секој обид за себеискажување поради стравот од себебламирање, себеизложување и себемалтретирање пред оние што не се јас! Шемата оди приближно вака – „да, сакам тоа да го кажам“, ама, „дали треба?!“, „дали можам?!“, а „што тоа ќе ми донесе потоа?!“ и „дали сега е правиот миг?!“, а, што ако „едикојси вака го сфати тоа?!“, па затоа, подобро „сега да го премолчам“, па после ќе го „кажам“, ама па и „тогаш да го кажам“, ќе го „излажам ли?!“, оти, нели... времето за негово автентично искажување веќе помина додека јас сè уште ја мислам (не)исправноста на она што веќе некогаш сакав да го кажам... Драги мои, од многу програми за исправноста на себеискажувањето останува само едно недоискажано потиснато горчливо чувство на минливоста на животот во кој ние, ете, не се искажавме...

- Со интроектираните изреки -  „ако не кажеш, нема да згрешиш“, „свиткана глава сабја не ја сече“, „покриен задник не смрди“, „немој да се истакнуваш“, „чувај го за себе“ и мноштво други бисери на самоснисходливата балканска психологија на колективниот ум кој сè што жртвува е една просто индивидуална форма на асертивно постоење.

- Со срамот.

- Со стравот.

- Со искривеното уверување дека заслужената награда за скромните ќе дојде кога најмалку ќе очекуваме. А кога е тоа јас да ве прашам, а?! Тоа е исто како да речете дека ќе му кажете на човекот дека го љубите кога веќе ќе го нема! Или ќе дојдете на местото на животот откако тој си отишол од себеси затоа што тогаш е најсигурно оти него веќе ќе го нема?! Тажно е ироничното, иронично е тажното, само недоискажаното е факт над фактите за кој дознаваме многу откако ќе поминат сите можности тоа да биде искажано. Се љуби додека се живее, се кажува додека се чувствува, се страда додека страдањето е присутно и се радува додека радоста се чувствува во телото. Сè друго е задоцнето, неавтентично, гротескно и невистинито. Зошто?! За малку лажна его-себепочит. За ништо друго, за ништо. И онака ќе молчиме по денот на нашата погибија вечно, вистински и неотповикливо!

Поради што?! Еве:

- Поради тоа што сме биле плескани по уста секогаш кога само ќе сме помислеле дека нешто сакаме да кажеме... дури и години откако изворот на плескањето ќе го напушти животот.

- Поради тоа што за онаа малку формална почит и авторитет во околината сме си ја затнувале муцката при секој клокот на нешто во нашата утроба затоа што било поважно да бидеме паметни, а не искрени.

- Поради некаквиси искуства за наводна наша неадекватност и некомпетентност во минати мигови на просто несвесна сопствена вербална манифестација која била оценувана од некадарни умови кои сè што научиле е да – молчат!

- Поради анксиозноста која се јавувала секогаш кога сме сакале да ѝ угодиме на комфорната зона повеќе отколку на сопствениот порив за одлука, промена, став и акција.

- Поради нашиот неоправдано силен став дека нашата вредност чека за повеќе медали на околината, заборавајќи дека до олимписките височини стигнуваат само оние што без периз на јазикот го овоплотувале надвор од устата она што го чувствувале и го посакувале внатре во душата!

И, да ве прашам драги мои читатели – какво фајде сега има момчето од нашата приказна?! Кој ли ќе го врати мигот кој веќе одамна е само фосилен остаток на еден момент откинат од сивилото на долгите обичности?! Никој, никој и ништо и никако не ќе може да го врати отиденото...

П.С.  За среќа, постојат мигови кои можат да се вратат во некоја друга форма само ако ја задржале искреноста на минатото... Можеби, таму некаде постои нешто или некој кој премолчил исто како и ние... Никогаш не е доцна, само додека свесноста сè уште ја пече душата нагонувајќи ја да го рече тоа што сече сè додека не го пуштиме да тече... Макар и во инаква форма... Важна е содржината... Кога таа постои, ќе се најде форма што ќе ја изнесе на виделина!
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема