Се чини дека големиот бран отпуштања во технолошкиот сектор полека завршува.
Ова го покажуваат податоците што ги следат специјализираните веб-страници за отпуштања „Лејофс“ и „Труап“. Досега годинава, меѓу 955 и 1.411 технолошки компании (од гиганти до стартапи) во светот вкупно извршиле над 333.000 отпуштања.
Кулминацијата на овогодинешниот тренд на отпуштања се случи во јануари, кога гиганти како „Амазон“, „Мајкрософт“ и бројни други помали играчи најавија големи кратења на бројот на вработени. Само тој месец повеќе од 100.000 луѓе во технолошкиот сектор останаа без работа, а до мај компаниите продолжија да отпуштаат од 30.000 до над 55.000 луѓе секој месец.
Но, со доаѓањето на летото, трендот се спушти на под 15.000 отпуштања месечно, при што е забележан тренд на намалување до сега, во текот на август. Затоа, аналитичарите во брокерската фирма „Бернштајн Рисрч“ велат дека „дојде крајот на рецесијата“ кога станува збор за технолошките работни места.
Како пресвртница го гледаат фактот што започна регрутирањето во секторот за вештачка интелигенција, каде големите играчи бараат нови експерти, а во исто време се појавуваат и нови стартапи.
Во моментов во светот се отворени повеќе од 170.000 работни места во технолошкиот сектор, па истите аналитичари очекуваат трендот наскоро да се промени - т.е. да има значително повеќе нови вработувања отколку отпуштања.
Извор:
Bug
Насловна фотографија: Pixabay