Група истражувачи од Универзитетот во Аризона претставиле храбар предлог за зачувување на животот на Земјата во случај на глобална криза.
Тие ја претставиле идејата за изградба на „складиште на живот“, не само на човештвото, туку и на животинскиот и растителен живот - на Месечината. На природниот сателит на Земјата би била поставена еден вид „лунарна арка“, во која би се чувале замрзнати примероци од сперма, јајце-клетки и семиња од 6,7 милиони видови.
Групата го опишала проектот како „модерна глобална полиса за осигурување“ против катастрофи, кои би можеле да ја снајдат цивилизацијата на Земјата. Според нив, Месечината е доволно далеку од ризиците со кои се соочува нашата планета, без разлика дали се природни или предизвикани од човечка активност.
Предлогот можеби звучи како нешто од научно-фантастична приказна, но е изненадувачки реален. Месечината можеби не е идеално место, но нејзината предност е што е „отстранета од сценариото за судниот ден што може да ја снајде нашата планета. Како место за модерната Ноева арка, научниците главно гледаат пештери на Месечината и тунели создадени од лава под површината. Идејата ја добиле во „Думсдеј Волт“, складиште за семе од растенија на норвешкиот остров Свалбард.
Според професорот Џејкен Танга, кој го претставил концептот, ќе бидат потребни околу 250 летови до Месечината за да се пополни објектот со примероци. За споредба: биле потребни 40 летови за да се изгради Меѓународната вселенска станица, која е многу поблиску до Земјата. Научниците претставиле и некои други решенија, како што се напојување со соларни панели и употреба на суперпроводници, кои се овозможени поради условите на Месечината.
Програма што трае со децении
Научниците сега бараат начини за собирање биолошки материјал, а тим на истражувачи неодамна претставиле протокол за собирање и складирање примероци во списанието „БиоСајенс“.
Според нив, лунарното складиште на биолошки примероци првенствено треба да биде дизајнирано за примероци од најзагрозените животни на Земјата. Сепак, клучните фактори за биолошко складирање се потребата да се минимизира штетата од радијација и да се складираат примероците на температури блиску до -196 Целзиусови степени. Некои области во близина на половите на Месечината ги исполнуваат тие критериуми, напишал тимот, сугерирајќи дека по првичното тестирање на примероците и пакувањето во кое тие ќе се складираат, дополнително тестирање ќе се изврши на Меѓународната вселенска станица.
Клонираните примероци би можеле да се искористат и за колонизација на Месечината и другите планети или за тераформирање - создавајќи услови на дел или на целата површина на вселенските тела, така што луѓето и другите форми на живот од Земјата можат да живеат на нив.
-Ова е програма која трае со децении. За да се постигне лунарен биорепозиториум ќе биде потребна соработка на широк опсег на народи, културни групи, агенции и меѓународни засегнати страни, за да се развие прифатливо складирање на примероци, управување и долгорочни планови – напишале научниците.
Тие сепак нагласиле дека заштитата на копнениот живот треба да биде главен приоритет во трката за освојување на Месечината за потребите на индустријата и науката. Тие, исто така, ја нарекле нивната студија „отворен повик за учество“ во проектот.
Извор: n1info.hr
Фото: Freepik