Многу луѓе првата ноќ на ново место спијат пократко и полошо од вообичаено, а експертите тој образец го нарекуваат ефект на првата ноќ. Истражувачите наведуваат дека станува збор за вообичаена реакција на мозокот на непознато опкружување.
Робинсон Леони вели дека тоа редовно му се случува кога патува деловно. Дома во просек спие 7 часа, додека неговиот паметен часовник првата ноќ надвор од домот, без оглед на квалитетот на креветот или чепчињата за уши, му покажува отприлика пет часа сон.
- Се чувствувам нормално, без стрес или нешто слично, но забележувам дека постојано се будам - изјави тој.
Ана Вик, виш истражувач на сон на Универзитетот во Фрајбург во Швајцарија, наведува дека феноменот е потврден во десетици истражувања и дека веројатно има еволутивни корени. Според нејзините зборови, се претпоставува дека станува збор за прилагодување поради кое мозокот за време на сонот останува во состојба на внимание во непознато опкружување.
Ахмад Мајели, професор по психијатрија и истражувач на сон на Универзитетот во Питсбург, вели дека мнозинството луѓе го доживуваат овој ефект, дури и кога не го забележуваат јасно.
Во просек, луѓето во ново опкружување спијат 20 до 30 минути помалку, а делот од мозокот поврзан со најдлабоката фаза на сонот останува поактивен, што укажува на зголемена будност.
- Не е баш како кај делфините, но студиите сепак покажуваат дека дел од мозокот спие помалку - истакнува Мајели.
Експертите додаваат дека врз сонот можат да влијаат и самото патување, светлото од хотелската соба, семејната напнтост или очекувањето дека ноќта ќе биде лоша. Ефектот е често поизразен кај децата, адолесцентите и постарите лица, додека по првата ноќ главно се намалува.
Психологот Лиза Штраус препорачува вообичаени навики за подобар сон: ладна и темна соба, легнување во исто време, вечерна рутина и избегнување екрани пред сон.
Таа советува и новото опкружување да се направи попознато, со мирна активност во креветот и носење сопствена перница или ќебе. Ако следниот ден е посебно важен, Мајели препорачува доаѓање една ноќ порано за да стигне телото да се прилагоди.
Извор:
Klix.ba
Фото: Magnific