X
 17.09.2020 Култура

Извонредна туристичка атракција на Бали – шумата на мајмуните!

Последниве години сведоци сме на големиот развој на туризмот и неговите различни облици. Во некои земји туризмот претставува водечка индустрија. Денешниот турист не купува само одредени услуги и производи, туку е заинтересиран за сето она што може да му го даде туристичката дестинација што ја избрал. Токму затоа земјите низ целиот свет се стремат да остварат сè повеќе облици на туризам, со цел да имаат поголема заинтересираност и побарувачка, а со тоа и поголем економски развој. Во оваа статија ќе ви доловиме како флората и фауната се ставени во функција на туризмот на островот Бали. Станува збор за Шума на мајмуните. Во овој случај Бали е остров кој нуди различни форми на туризам и тие претставуваат главна индустриска гранка на балиската економија. Во туристичките места Убуд, Кута, Семинјак, Нуса Дуа и сл. туристите имаат голем избор како да ги задоволат своите желби.

Шумата на мајмуните во Убуд е едно од најатрактивните места во Бали, со од 10.000 до 15.000 посетители дневно. Оваа шума зафаќа површина од 12,5 хектари и во неа има 700 мајмуни и околу 186 вида дрвја, меѓу кои и најпознатото дрво пуле бандак. Шумата на мајмуните се наоѓа во селото Падантегал. Мајмуните што живеат во оваа шума се од видот балиски мајмун и имаат долги опашки. Научното име им е „Macaca fascicularis“, на англиски „macaque“, женките имаат просечна тежина од 2,5 до 5,5 килограми и живеат 20 години, додека мажјаците имаат тежина од 3,5 до 8 килограми, а животниот век им е 15 години.

1

Оваа шума е многу убаво уредена и приспособена за туристи - пред влезот има езеро со разновидни риби, убави балиски скулптури, продавници, барови и сл. Исто така, пред влезот во шумата се поставени банери со предупредување за односот кон животните - посетителите не смеат да ги хранат, не смеат да носат храна во облеката или во ранец која мајмуните можат да ја забележат (ако мајмунот забележи храна, ќе се обиде да ја земе, мајмуните во оваа шума се познати крадци, често се случува да ги отвораат ранците на туристите барајќи храна) и најважно од сè - не смеат да ги гледаат директно в очи (мајмунот го сфаќа тоа како провокација и може да нападне). Во шумата се влегува преку еден интересен мал тунел на кој има скулптура со мајмуни.

2

Интересно за оваа шума е тоа што многу од дрвјата, според балискиот народ, имаат духовна вредност, односно се користат за различни духовни обичаи. Вредни се да се споменат дрвото мaјгеган, кое го користат само за изградба на свети храмови, и дрвото беригин, кое го користат во ритуалите за кремирање. Меѓу најпознатите дрвја е и историското пуле бандак (Pule Bandak) кое го означува духот на шумата и од кое изработуваат маски што се користат само во храмовите. За да исечат парче и да изработат маска од ова дрво, многу внимаваат да не го оштетат, токму затоа се одбира ден кога свештеникот бара дозвола од самото дрво за да отсече дел од него, и на тој начин духот од дрвото се пренесува во маската. Според научни испитувања, во оваа шума има околу 115 вида дрвја.

3

Во шумата има и три храма: Пура Далем Агунг, Пура Беји, Пура Пријапати, кои датираат од 14 век. Првиот храм е создаден за поклонение на богот Рецинклер, вториот е за духовно и физичко просветлување, а третиот храм го симболизира задгробниот живот. Интересно е да се напомене за нивниот познат духовен настан Нгебеџианг, кога се одржува церемонија токму во оваа шума, каде што мештаните се собираат и им пеат и танцуваат на боговите, и веруваат дека тоа ќе им донесе благосостојба, здравје и мир.

4

Во шумата има голем број вработени кои се грижат за животните, а исто така и за посетителите. Честопати се случува мајмуните да бидат привлечени од накит, телефон или очила на посетителите, меѓутоа, вработените во паркот се премногу заштитнички настроени кон посетителите и не дозволуваат некој да биде нападнат од животните. Низ густата шума има убави патеки, мали базени со риби и клупи каде што туристите може да уживаат во погледот на зеленилото и дивиот свет. Шумата на мајмуните во Убуд, Бали, нуди едно фантастично и незаборавно доживување. Таа е вистинска туристичка атракција за сите посетители на Бали и има огромна посетеност од туристи од целиот свет. Да ги наполнете вашите бели дробови со кислород, да ги одморите вашите очи со зеленило и див животински свет, да го збогатите вашето знаење, кое подоцна ќе се преточи во спомени за флората и фауната на една земја.

Извор: igeografija.mk
Автор: Рената Пишмановска, дипломиран туризмолог на Институтот за географија – ПМФ-УКИМ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура