„Метформинот“ е еден од најчесто препишуваните лекови и се користи како примарна терапија за дијабетес тип 2, а некои го нарекуваат „аспирин на 21 век“ бидејќи, покрај управувањето со високите нивоа на гликоза во крвта, се вели дека дејствува и на многу поширок опсег на медицински состојби, вклучувајќи различни форми на рак, дебелина, заболувања на црниот дроб и срцето и разни невродегенеративни и бубрежни заболувања.
Но, според кинеските научници, „метформинот“ може да го одложи и процесот на стареење. До овој заклучок дошле истражувачите од Институтот за зоологија и Институтот за геномика во Пекинг, кои спровеле ригорозно 40-месечно истражување на мајмуни.
Овој евтин лек за дијабетес, всушност, го забавува стареењето и е особено ефикасен во одложувањето на ефектите од стареењето на мозокот. Невронската активност наликува на онаа на шест години помладите мајмуни, што одговара на околу 18 човечки години, а животните покажале подобрени когнитивни функции и подобро зачувана функција на црниот дроб, се вели во студијата објавена во списанието „Клетка“.
Досегашните податоци за црви, глодачи, муви и луѓе што земаат „метформин“ покажуваат дека тој може да има ефекти против стареењето. Сепак, досега не било јасно дали неговите потенцијални ефекти против стареење се постигнуваат со намалување на шеќерот во крвта или преку посебен механизам.
Кинеските истражувачи го тестирале лекот на 12 постари машки јавански макаки (cynomolgus macaque). Контролната група се состоела од 16 постари мајмуни и 18 млади животни. Цели 40 месеци на мајмуните секојдневно им се давала стандардна доза на „метформин“, која обично се препишува за лекување дијабетес кај луѓето. За време на студијата, од макаките биле земени примероци од ткиво и органи и биле снимени нивните мозоци. Со анализа на клеточната активност во примероците создаден е компјутерски модел за одредување на биолошката старост на ткивото, која може да се разликува од хронолошката возраст на животните.
Моделот покажал дека лекот го забавува биолошкото стареење на различни ткива, како што се белите дробови, бубрезите, црниот дроб, кожата и фронталниот лобус на мозокот. Исто така, го намалувал хроничното воспаление, што е примарен показател за стареење. Студијата не била дизајнирана да утврди дали лекот го продолжил животниот век на животните. Претходните истражувања не го утврдиле влијанието врз очекуваниот животен век, но покажале дека се зголемил бројот на години во кои организмот живее во добро здравје.
- „Метформинот“ има потенцијал ефикасно да го запре стареењето на органите кај мајмуните - велат истражувачите кои идентификувале потенцијален пат преку кој лекот го штити мозокот. Се чини дека го активира протеинот NRF2, кој штити од оштетување на клетките предизвикани од повреда и воспаление.
Резултатите се охрабрувачки, но ќе бидат потребни дополнителни истражувања пред да може да се потврди дека „метформинот“ дејствува против стареењето кај луѓето. Било започнато пробно тестирање на 120 лица во соработка со „Мерк“, германска биофармацевтска компанија која прва го развила и го произвела „метформинот“. Овие испитувања треба да утврдат дали овој лек навистина може да го одложи стареењето кај луѓето.
Извор: bug.hr
Фото: Freepik