X
 10.07.2021 Здравје

Овие навики прават да изгледаме постари

Кога станува збор за стареењето, сите би сакале да го вратиме „часовникот“ или барем да го запреме за момент. Но, тоа е научна фантастика и не можеме да го спречиме процесот на стареење.

Науката открива дека постојат работи што ги правиме секој ден, а прават да изгледаме постари отколку што сме - и обратно, постојат работи што можеме да ги направиме за да изгледаме и да се чувствуваме помлади и поздрави.

Ова се навиките што прават да изгледате постари.

Под голем стрес сте

Хроничниот стрес со текот на времето може да предизвика промени на клеточно ниво, поточно, може да ја промени структурата во клетките што содржат генски информации. Овие структури се нарекуваат теломери. Теломерите се долги, но со текот на времето стануваат пократки и тогаш клетката умира. Тоа е буквално процес на стареење, а луѓето со пократки теломери имаат поголем ризик од хронични болести.

Често јадете црвено месо

Сочната плескавица или бифтек може да звучи помалку вкусно кога ќе помислите дека честото јадење црвено месо може да ви го скрати животот. Во истражување објавено во списанието Би-ем-џеј било откриено дека прекумерното консумирање црвено месо е поврзано со зголемен ризик од смрт. Истражувачите откриле дека луѓето што најмногу консумирале црвено месо имале 26 отсто поголеми шанси да умрат во споредба со оние што јаделе најмалку.

1
Фото: Freepik

Не користите крем со заштитен фактор

Ако премногу ја изложувате кожата на сонце, таа може да стане сува и да се појават изгореници, а тоа не оди во прилог на младешкиoт изглед. Со текот на времето УВ-зрачењето може да предизвика трајно оштетување и промени на кожата. За да го избегнете ова, треба да нанесувате крем за сончање секој ден, најмалку 30-СПФ фактор.

Претерувате со консумирање алкохол

Алкохолот има многу негативни ефекти што се забележуваат речиси веднаш. Предизвикува дехидрирање на кожата, како и нејзино воспаление и испукани капилари. Поради сето ова, може да изгледате постари отколку што сте.

Истражување од 2019 година спроведено на повеќе од 2.300 жени покажало дека жените што пиеле повеќе од осум пијалаци неделно имале повеќе брчки, подрачјето под очите им било отечено и го изгубиле волуменот во централниот дел на лицето.

Внесувате премногу шеќер во организмот

Колагенот и еластинот се две соединенија во кожата кои обезбедуваат таа да остане цврста и младешка. Шеќерот ги уништува. Во неодамнешно истражување научниците откриле дека кога луѓето консумираат големи количини фруктоза и гликоза, тие се врзуваат за аминокиселините во колагенот и еластинот, оштетувајќи ги и забавувајќи го природниот процес на закрепнување на кожата.

Извор: Eat this, not that
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје