X
 17.10.2018 Наука

„Не постои Бог“ - вели Стивен Хокинг во неговата последна книга

- Не постои Бог - тоа е заклучокот на познатиот физичар Стивен Хокинг, чија последна книга беше објавена во вторникот.

Книгата, која беше завршена од неговото семејство по смртта, дава одговори на прашањата што постојано му биле поставувани на Хокинг. Така, тој на читателите им го открива својот став околу вонземјаните и дека тие се некаде во вселената, за вештачката интелигенција, која би можела да го надмудри човекот, како и тоа дека е возможно патување низ времето.

Хокинг, кој се смета за еден од најбрилијантните научници на неговата генерација, почина во март на 76-годишна возраст.

хокинг

- Не постои Бог. Никој не управува со универзумот - пишува тој во книгата „Кратки одговори на големи прашања“.

- Со векови се веруваше дека лицата со посебни потреби, како мене, живеат поради клетвата нанесена од Бог. Повеќе сакам да мислам дека сѐ може да се објасни на друг начин, според законите на природата - пишува тој.

Хокинг страдал од амиотрофична латерална склероза (АЛС), невродегенеративно нарушување познато како болест на Лу Гериг. Научникот починал додека сѐ уште работел на книгата, која подоцна била завршена од семејството и од неговите колеги, вадејќи информации од неговите огромни лични архиви.

- Постојат форми на интелигентен живот. Мора да бидеме внимателни во тоа каков одговор испраќаме додека не се развиеме уште малку - пишува тој.

Хокинг ја остава отворена можноста за патување низ времето.

- Патувањето назад во времето не може да се отфрли според нашето сегашно разбирање - пишува тој. Исто така, тој предвидува дека во наредните сто години ќе можеме да патуваме насекаде низ Сончевиот Систем.

- Тој сфатил дека луѓето ги сакаат неговите одговори на овие прашања - изјави ќерката на научникот, Луси Хокинг, која помогнала во завршување на книгата.

Хокинг сметал дека светот е на работ на огромна трансформативна промена, вели неговата ќерка.

- Тој бараше од нас да не влегуваме слепо во иднината - вели таа.

Научникот го насочил своето внимание и кон светот што го оставил зад себе.

- Со Брегзитот и Трамп, кои сега спроведуваат нови сили во врска со имиграцијата и развојот на образованието, сведоци сме на глобален револт против експертите, а тоа ги вклучува и научниците - рече Хокинг, кој ја критикуваше одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ и го нарече Доналд Трамп „демагог“.

Според неговата ќерка, најголемата грижа на Хокинг била тоа што луѓето низ целиот свет станаа поделени.

Сепак, крајната порака на Хокинг за читателите е надежна, па одговорот на прашањето: „Како ќе ја обликуваме иднината“, дава одличен совет: - Не заборавајте да погледнете во ѕвездите, а не во вашите нозе.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука