Набљудувањата на гравитационите ефекти во и околу галаксиите довеле до она што е познато како „стандарден космолошки модел“. Оваа општоприфатена теорија посочува дека видливата материја што ја гледаме и со која комуницираме сочинува само околу 5 отсто од материјата во универзумот. Таканаречената темна материја е пет пати поголема од нормалната материја, додека остатокот се состои од мистериозна темна енергија за која се верува дека го поттикнува ширењето на универзумот.
Иако темната материја не е во интеракција со обичната материја, светлината или електромагнетното поле, нејзиното постоење би им помогнало на научниците да го разберат однесувањето на галаксиите, ѕвездите и планетите. За таа цел, се вложуваат некои големи напори за откривање, како што е експериментот „САБЕР Саут“ во Австралија.
Моделот на Гупта
Али Раџендра Гупта, професор по физика на Канадскиот универзитет „Отава“, верува дека ова не е единствениот одговор на нерешените прашања во космосот. Новиот модел на Гупта тврди дека силите на природата се намалуваат со текот на космичкото време и дека светлината губи енергија додека патува на долги растојанија.
- Во стандардната космологија се вели дека забрзаното ширење на универзумот е предизвикано од темната енергија, но тоа всушност се должи на слабеењето на силите на природата додека се шири, а не на темната енергија - истакнал Гупта, кој го споредил својот модел со набљудувањата од црвеното поместување (зголемување на брановата должина и соодветно намалување на фреквенцијата и енергијата на фотонот на електромагнетното зрачење) од неодамнешните галаксии. Симулациите се совпаѓаат со набљудувањата, вклучително и како се шират галаксиите и еволуцијата на светлината од раниот универзум.
Двојно постар универзум
Минатата година се крена голема прашина за истражувањето на Гупта, кое посочува дека универзумот не е стар 13,8 милијарди години, туку е речиси двојно постар. Гупта сега верува дека најновото истражување обезбедува дополнителни докази за повторно проценување на староста на космосот.
- Резултатите од студијата потврдуваат дека нашата претходна работа за староста на универзумот од 26,7 милијарди години ни овозможи да откриеме дека на универзумот не му е потребна темната материја за да постои - објаснил Гупта.
Сепак, не сите космолози се согласуваат со ова, тврдејќи дека вонредните тврдења бараат вонредни докази. Поради ова, моделот на Гупта засега останува само теорија, која се натпреварува со конвенционалното разбирање, но нуди и нова рамка за истражување на основните својства на универзумот.
Извор: Bug.hr
Фото: Freepik