Идејата за користење голем лифт за патување во вселената постои веќе подолго време, а прв ја предложил рускиот инженер Јури Арцутанов во 1959 година. Оттогаш помина многу време, а она што некогаш било научна фантастика денес е многу поблиску до реалноста.
Идејата за вселенски лифт всушност не е комплицирана: долг кабел би се спуштил на Земјата со сателит во геосинхроната орбита, а би се споил на лебдечка станица на подрачјето на екваторот. Центрифугалната сила на Земјината ротација би се погрижила кабелот да стои исправено и да му овозможи на лифтот да патува до вселенските станици директно со лебдечка платформа.
НАСА во соработка со вселенската агенција во Јапонија и во Кина со години работи на концепт на вселенски лифт. Јапонската корпорација „Обајаши“ вети дека својата верзија на вселенски лифт ќе ја направи и ќе ја пушти во употреба до 2050 година, а цената за неговата изработка ќе изнесува 90 милијарди долари.
Фото: LiftPort Group, Dr.Nyein Aung
Сега двајца научници од Велика Британија и од САД одат чекор понатаму и тврдат дека не само што вселенскиот лифт до Месечината е можен туку и може да се направи од веќе постојни материјали достапни на човекот.
Зефир Пенојр од Универзитетот „Кембриџ“ и Емили Стенфорд од Универзитетот во Колумбија имаат различен пристап од претходно наведените агенции и корпорации. Нивниот концепт е замислен така што кабелот од лифтот воопшто нема да биде на Земјата, туку во високата геосинхрона орбита над нашата планета, поточно на 35.577 километри над површината.
Самиот кабел би бил со дебелина колку едно пенкало и би бил конструиран од карбонски полимер. Цената за целиот проект се проценува на околу десетина милијарди долари.
- Нивното истражување навистина изгледа легитимно. Се чини дека самостојно го измислиле Месечевиот лифт во вселената. Ние бевме првите што ја имавме идејата, но навистина е добро што некој што не е поврзан со нашето поле ја разработил идејата - ја коментира идејата научникот Мајкл Лејн, основач на групата „Лифтпорт“.
Тој додава дека вселенскиот лифт математички нема проблеми, туку тие се јавуваат кога концептот ќе се преточи во реалниот свет.
Еден од најголемите проблеми е кој материјал да се избере за кабелот бидејќи што и да се избере, мора да биде неверојатно цврсто. Карбонските наноцевки што се 100 пати посилни од челикот може да бидат доволни, но технологијата за нивна изработка не е развиена до таа мера за да се произведе толку долг кабел.
Лејн исто така наведува проблем со вселенскиот отпад во орбитата околу Земјата. Тој и неговата компанија пред неколку години почнале да работат на вселенски лифт, токму поради проблемот на сателитите и вселенскиот отпад во пониската орбита на Земјата.
Лејн проценува дека првата верзија на лифтот на „
Лифтопорт“ би чинела 800 милиони долари и дека може да се направи за 7 до 12 години.
- Откако ќе го изработите, станува интересно бидејќи тој станува основа за сè друго - заклучува Лејн.