X
 30.08.2018 Наша тема

Кога бев студент со Андријана Цветковиќ, амбасадор: Бев првата Европејка што во последните 30 години докторира на најдобриот универзитет за филм во Јапонија

Уште во 2003 имав теза дека дигиталната технологија ќе ја замени аналогната, и тоа се случи, иако кога ја пишував тезата наидував на огромен отпор и негирање од филмската фела и моите професори. Се радувам што не се откажав и продолжив со моите истражувања, вели нашата амбасадорка во Јапонија, која ја сподели својата приказна во рубриката „Кога бев студент“ што Факултети.мк ја реализира во соработка со „Пивара Скопје“


Таа е вистински пример за тоа каков амбасадор треба да има една земја. Неколку години ги спојува културите на Македонија и на Јапонија, им отвора врати на наши студенти во напредната земја, учи Јапонци да играат оро и да ја научат нашата култура.
Филмот е нејзина љубов. Андријана Цветковиќ е првиот доктор на науки по филмска уметност во независна Македонија. Со задоволство се наврати на своите студентски денови.

Таа дипломирала на Националната академија за филмска и театарска уметност (НАТФИЗ) во Софија. Завршила пред својата генерација, се стекнала со звање магистер и поитала да ја искористи можноста да истражува за филм во Јапонија. Докторирала на најдобриот универзитет за филмска уметност во Јапонија, Nihon University Graduate School of Arts.

Среќна е што уште како дете ја открила својата љубов – филмот или поточно страста за раскажување приказни и преку нив да се поврзе со околината, но и со светот.


Таа е вистински пример за тоа каков амбасадор треба да има една земја

- Паметам имав 12 години, за пречек на Нова година. Бев во работилницата на кројачот кој на татко ми му шиеше костум и таму имаше книга „Историја на филмската уметност“, со многу визуелен материјал. Синот на кројачот, несуден филмаџија, ми ја подари книгата со тешко срце, но уште истата вечер јас веќе решив дека тоа ќе биде мојот животен пат. Имав и голема среќа како дете и тинејџер да посетувам драмски работилници предводени од нашите најдобри актери - Лилјана Велјановска, Драган Спасов-Дац, Роберт Велјановски, режисерската Зоја Бузалковска... прекрасни луѓе кои ми ја предадоа љубовта кон уметноста и ги втемелија во мене професионалноста и принципиелноста кон она што се работи – вели Цветковиќ.

За една година го научила јапонскиот јазик

Кога одлучила да се запише на режија, многумина од нејзиното семејство се обидувале (добронамерно) да ја премислат, да избере нешто полесно.
- Тогаш не разбирав навистина колку е тешка, одговорна и исцрпувачка оваа професија, но понекогаш колку помалку знаеш, толку подобро.
За приемниот испит се подготвувала две-три години. Била во класата на еден од најпознатите бугарски режисери, Људмил Стаиков. На приемниот, освен со теоретското знаење, се претставила и со свои колажи кои ги правела од многу рана возраст.
- Тоа е амалгам од слики од весници, списанија во комбинација со мои скици и цртежи и секој дел раскажува приказна. Мислам дека токму тие ме издвоија од другите студенти и оставија впечаток дека имам висока креативна интелигенција и сензибилитет. Јас бев една од двете девојки во класата на режисери од вкупно седум студенти и прва што магистрирав со највисок просек – вели таа.
За да се запише на докторски студии, амбасадорката Цветковиќ морала да го научи јапонскиот јазик. Тоа ѝ успеало за една година, иако вели дека јапонскиот е јазик што се учи цел живот. Учела од утро до мрак и оттогаш носи очила, ама вели дека упорноста се исплати.

- Приемниот се состоеше од три дела, меѓу кои пишување есеј на тема што се открива на самиот испит. Бев единствената Европејка што го положи испитот во последните 30 години. Докторирав во 2009 година, со голем успех, и покрај тоа што сите предавања и докторската дисертација мораше да бидат на јапонски јазик. Пред неколку месеци, сега како амбасадор, бев да ги посетам моите професори на универзитетот и деканот, со кои разговаравме за соработка со македонските универзитети. Сите беа многу среќни и горди што токму нивен студент станал амбасадор, а мене, пак, ми е многу мило што успеав да им се заблагодарам за нивната менторска инвестиција во мене како професионалец и како личност – посочува амбасадорката.



Јапонскиот филм го засакала од мала, а влијанието на „Рашомон“ од Акиро Куросава, кој го гледала на 6 години, било големо.
Таа од мала била најдобар ученик и во основно, а и во средното економско училиште (некогашно „Моша Пијаде“, денес „Арсениј Јовков“). Вели дека не учела премногу, ама дека била сконцентрирана и вклучена на часовите, па така учела и за факултет.

- На еден начин уште во средно се сметав себеси за бунтовник. Постојано се прашував дали образовниот систем ни е добар и дали учењето напамет и учењето за оценка имаат некаква смисла ако не можат да се применат. И сега сметам дека образованието мора постојано да се усовршува и дека децата треба да учат повеќе низ практични примери, работилници, дискусии... само меморирањето факти ништо не значи. Мора да се развие критичниот начин на мислење, изнаоѓање неконвенционални решенија, мора да се негува и гради генерација на индивидуи кои ќе мислат со своја глава, ќе ја проверуваат секоја информација, ќе се трудат со свои конкретни дела да бидат дел од општеството, а помалку ќе бидат робови на материјалните награди и конформизмот – нагласува режисерката.

Професорите по македонски ѝ биле омилени

Професорите по македонски јазик секогаш ѝ биле меѓу најомилените бидејќи учела да пишува есеи на слободна тема и на тој начин комуницирала со нив и со своите соученици.
- Имав прекрасни професори во Македонија, но и во Бугарија и во Јапонија. Ги имав секогаш најстрогите класни раководители, најстрогите ментори и навистина сум им благодарна. Тие луѓе можеа да бидат и не толку строги и можеби и за нив ќе беше полесно, но токму нивната строгост ме направи личност со многу високи професионални стандарди, сигурност во своето знаење и можност да се натпреварувам на светско ниво – посочува Цветковиќ.


Додека студирала малку време ѝ останувало за да работи

Најважно ѝ било да присуствува на некој час што едвај чекала да започне, а имала и професори на кои оценките на учениците не им биле најважни.
- Нема да ја заборавам мојата професорка по хемија во основно. Половина од часот беше за хемиските елементи, а половина за нејзината семејна судбина и трагедија како дете бегалец од Егејска Македонија. Благодарна сум што освен хемија нè научи и многу за животот.
Додека студирала во Софија живеела во познатиот Студентски град, населба со околу 15.000 студенти. Ѝ било забавно, имала многу пријатели и многу се дружеле.

Со филмот „Куќа покрај пругите“ дипломирала, а воедно и магистрирала во 2005 година, една година пред колегите од класата. Тој филм пропатувал на неколку светски фестивали за кратки филмови. Целата екипа биле волонтери. Нејзината магистерска теза била „Кратка историја на дигиталната кинематографија и следните 100 години“.
- Уште во 2003 г. имав теза дека дигиталната технологија ќе ја замени аналогната, и тоа се случи, иако кога ја пишував тезата наидував на огромен отпор и негирање од филмската фела и од моите професори. Се радувам што не се откажав и продолжив со моите истражувања. Тие ме однесоа во Токио – вели нашата амбасадорка.


Андријана Цветковиќ

Додека студирала малку време ѝ останувало да работи затоа што факултетот барал и практична работа, па секогаш кога имала можност, работела по нешто, но не дозволувала ништо да ѝ го одвлече вниманието од нејзината главна цел – студиите. Волонтирала кога можела, патувала многу и вели дека тоа ја облагородило и ѝ отворило многу хоризонти.
- Сметам дека студентот треба да посвети барем 70% од своето време на студиите, бидејќи тоа време не се враќа. Но истовремено, практичната работа во струката за која учи е задолжителна, и тоа најдобро како волонтер. Во Јапонија сите студенти се на неплатена пракса некаде барем два пати неделно и добивањето можност да се волонтира во определени компании е престиж - вели таа.

Се сметам за „ренесансна“ жена

Што се животот и кариерата ако немаме анегдоти за раскажување. Ја замоливме да сподели една со нашите читатели.
- Јас бев трета година на филмска режија и го спремав снимањето на мојот филм. Ги имав одбрано и глумците, а особено главната актерка со која немав контакт, но го добив преку една пријателка и закажавме да се видиме. Мојата пријателка ѝ го дала сценариото и таа дојде на средбата со голем ентузијазам. Арно ама, кога ја видов, сфатив дека тоа воопшто не е актерката што сакам да ја ангажирам, туку некоја сосема непозната за мене, но со исто име како другата. Замислете го неколкучасовниот состанок во кој јас не сакав да ѝ ги повредам чувствата на актерката и не можев веднаш да ѝ кажам дека настанала грешка, а барав начини како самата таа да се поколеба и да се откаже. Не се откажа, и покрај сите мои трикови. На крајот, сепак, морав да бидам искрена со неа – признава Цветковиќ.


Јапонскиот е јазик што се учи цел живот

Таа има искуство и како професор на неколку факултети и универзитети. Пред да стане амбасадор беше визитинг-професор на Универзитетот Кјото и во престижниот научен центар за јапонски студии Ниџибункен. Предавала и на ЕСРА во Скопје и на Новиот европски универзитет (во Скопје), како и на Универзитетот „Нихон“. Како амбасадор, со својата посветена работа успеа да оствари соработка меѓу јапонски и македонски универзитети, па така македонски студенти ќе можат да добијат стипендии.

- Како амбасадор одржав над 30 предавања на сите најугледни универзитети во Јапонија, но овој пат промовирајќи ја Македонија. Овие контакти со универзитетите и предавањата ми донесоа најголема сатисфакција и се радувам кога можам на младите во Јапонија да им ја пренесам мојата љубов кон македонската историја, традиција, уметност и култура. Околу професијата, јас себеси се сметам за „ренесансна жена“, нешто како Да Винчи... една професија не може да ме дефинира, ниту пак јас се гледам во една линеарна кариера. Сакам постојано да откривам, да учам, да креирам, да предизвикувам, да бидам пионер, да поврзувам и да споделувам – завршува Цветковиќ.







Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема