X
 26.12.2019 Наша тема

Кога бев студент со Горан Стојаноски, актер: Во тенк го спремав приемниот испит за ФДУ

Некое време живеевме во стан со Никола Ристановски и Тони Михајловски. Меѓу нас никогаш немало ривалство, многу добро функциониравме, вели познатиот инспектор Томе од серијата „Преспав“ во рубриката „Кога бев студент“, која Факултети.мк ја работи заедно со „Пивара Скопје“

Инспектор Томе, Џемо Биљбиљ, Јеротие Пантиќ... ова се ликовите по кои различни генерации го препознаваат актерот Горан Стојаноски. Ужива да ја засмева публиката и тоа му успева. Глумата му била љубов од мали нозе, а во средно школо бил дел од драмската секција во неговата гимназија. Изборот да студира на Факултетот за драмски уметности не бил случајност. Прво се запишал на Факултетот за ветерина во Белград, но брзо се откажал.


Горан Стојаноски беше дел и од К-15

- Служев војска во Белград. Во една пригода гостуваше некој театар и ја запознав актерката Мира Фурлан. Таа ме советуваше да се обидам да се запишам на академија. Ја послушав. Материјал за учење ми даде Нино Леви, кој исто така служеше војска во истата касарна. Во тенк се спремав за приемен - вели Стојаноски.

Тој бил во класата на Владимир Милчин, а колеги му биле актерите Никола Ристановски, Тони Михајловски, Драган Довлев, Маја Вељковиќ, Владимир Јачев, Игор Маџиров, Звездана Ангеловска, Елена Моше.


Џемо Биљбиљ е познат ТВ-лик што го изгради Стојаноски

- Тоа ми беа многу убави години. Некое време живеевме во стан со Никола Ристановски и Тони Михајловски. Меѓу нас никогаш немало ривалство, многу добро функциониравме. Со Никола живеевме заедно цели студии, а со Тони неколку години. Многу време поминувавме на факултет, заедно спремавме етиди, бевме многу сложни. Одевме на театар, секоја можна претстава сме ја гледале во Драмски и во МНТ. Време за готвење, а и желба многу немавме, па другарките ни помагаа да направиме понекој сендвич - вели тој.


Стојаноски ја основа театарската група „Сомнително лице“ веднаш по дипломирањето

Во средно школо Стојаноски бил активен кошаркар и вели: „Самодоверба воопшто не ми недостигаше, а театарот само ме надополни“, односно станало местото каде што си ги канализирал емоциите.
Практичните предмети му биле многу поинтересни отколку теоретските.
- Добивав и убави оценки. Професорите беа одлични, ни објаснуваа сѐ што не ни беше јасно. Како велеше еден мој пријател што тренира аикидо – „Не објаснувај ми, туку работи“, по тој принцип приближно и јас се водам - вели актерот.

Сите паметиме лекции или предавања од професори што ни помогнале подоцна во животот. Една од тие за Стојаноски е вежба што професорот Милчин им ја задал.
- По системот на Станиславски, добивме една задача. Тој ни рече: „Сокрив нешто зад завесата на сцена, треба да го најдете“. Ние баравме, баравме и не најдовме ништо. И му велиме: „Но, нема ништо“. „Е нема, ама видовте ли колку убаво баравте? Воопшто не глумевте дека барате“, ни сподели тој.
Оценките до некаде му биле важни. Вели: „Ќе згрешам ако кажам дека ми било сеедно“.



Немало колега со кој специјално сакал да работи. Вели дека се радувале и тагувале на истото.
- При крај на факултет ми дојде период кога многу си го поставував прашањето дали ми е местото таму, дали ова е тоа. Но, за среќа, брзо сфатив дека сум на вистинското место. Никогаш не сум бил тврдоглав, оти ако сте таков, нема ништо да научите. Си помагавме со колегите. На испит моравме да одиме подготвени, инаку немаше опција едноставно да се помине на шарм - признава Стојаноски.

Дипломирал во 1993 година, а по студиите посакал да се врати во Охрид. Денес е вработен во Охридскиот театар. Во 1994 година била премиерата на претставата „Сомнително лице“, која ја работел со театарски аматери, а која беше мегахит со години. Како театарска група постоеја неколку години, а отпосле дојде времето на ликот Џемо Биљбиљ.


Горан Стојаноски во сцена од „Преспав“

Стојаноски периодов е најактуелен со ликот на инспектор Томе од ТВ-серијата „Преспав“. Вели: „Сите сме како една фамилија и сè е многу природно. Има убава хемија меѓу нас“.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема